ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Јуниорската репрезентација го одложи крајот на првото коло

Јуниорската репрезентација го одложи крајот на првото коло

сподели

Првиот круг од новата сезона ќе трае пет дена, а ќе го затворат Работнички и вториот тим на МЗТ Скопје, на 16-ти октомври.

Младите аеродромци требаше да бидат домаќини на овој натпревар, но клубовите се договорија мечот да се игра во Градски парк, неофицијално поради презафатеност на СЦ „Јане Сандански“.

Одложувањето е и затоа што новиот прволигаш има четворица кошаркари во репрезентацијата на Македонија до 18 години, која викендов ќе учествува на меѓународен турнир во Шумен, Бугарија, а на кој ќе учествуваат Шумен (М18), Бугарија (М17) и српскиот Оканик (М18).

На списокот на Тони Симиќ се Андреј Андоноски, Марко Величковски, Славчо Трајковски и Марко Спасовски. Тоа ќе биде прв тест на новата селекција до 18 години која идното лето треба да учествува на Европското првенство Б-дивизија. Голем дел од овие кошаркари лани настапија на кадетскиот шампионот (М16) во Сараево и го освоија третото место.

Ова значи дека почетокот на сезоната за Работнички ќе биде подоцна од останатите екипи, а потоа вицешампионот ќе има само три дена да се подготви за првото дерби во првенството – против Гостивар во Градски парк.