ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Хувентут успеа да го запре Величковски

Хувентут успеа да го запре Величковски

сподели
Бојан Величковски (десно)

Естудијантес не се пласира на завршниот турнир од мини купот ЕНДЕСА 2020, национално натпреварување на Шпанија за кошаркари на 14-годишна возраст на кое учествуваат 16 екипи и се борат за пласман на завршниот турнир.

Во баражот за место во завршницата мадридскиот тим доживеа минимален пораз од Хувентут со 66:64 и остана надвор од конкуренција. За Естудијантес повторно настапи големиот македонски талент Бојан Величковски.

За разлика од мечот со Валенсија на кој постигна 20 поени и 7 скока, членот на Вардар сега имаше само 6 поени и 4 скока што беше една од причините за неуспехот на Естудијантес. Противничките кошаркари знаеја од каде доаѓа најголемата опасност и сето внимание во одбраната го насочија кон него, па за Величковски не остана многу простор.

Нашиот 14-годишен играч неделава беше на проба во Естудијантес и според оценките на стручњаците, се покажал во одлично издание. Тоа беше негов прв ваков настап надвор од земјава, а наскоро ќе се знае дали од идната сезона ќе живее и игра во Шпанија. Во меѓувреме останува во Вардар каде тренира под водство на Александар Ашаданов и учествува во лигата М-14.