ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА ЈАКИМОВСКИ: Сонувам настап на Еуробаскет со сениорската селекција!

ЈАКИМОВСКИ: Сонувам настап на Еуробаскет со сениорската селекција!

сподели

Последните 4-5 години, од последниот настап на едно Европско првенство, беа буквално трогателни за македонската репрезентативна кошарка.

А-селекцијата го допре дното, играше прет-претквалификации за ЕП, губеше од третокласни ривали кои во некои подобри времиња сме ги газеле на шега, а никој не можеше да каже кога ќе излеземе од живата кал.

FIBA

Светлото на крајот од тунелот го носат младите кошаркари. За разлика од сениорската репрезентација, 2-3 години наназад бележиме добри резултати во младинските категории на континенталните шампионати, а играчите што го носеа товарот, очекуваме наскоро да бидат главни и меѓу повозрасните.

Меѓу нив Андреј Јакимовски, новото златно момче на македонската кошарка кое четврта година игра во Италија. Во земјата на поранешниот европски шампион покажува дека е фантастичен играч пред кого стои блескава иднина.

„2019-та е за мене година за паметење во која се испишаа бројни факти за мојот професионален напредок, како играч и во Италија, во мојот клуб, и во националниот состав на мојата татковина Македонија, и во мојот роден град, Крива Паланка.

Со У-18 на Новипју во јуни, на крајот на претходната сезона се пласиравме во Ф4 во Италија, а оваа сезона сум дел од сениорскиот тим на Торино. Учествував на два многу значајни турнири Adidas Next Generation Tournament во Белград и Next Generation Tournament во Милано каде што бев прогласен за најдобар стрелец и најдобар скокач на турнирот. Со нашата репрезентација до 18 години на Европското првенство во Орадеа, Романија,одиграв неколку одлични партии со висок индекс на корисност, по што добив признание за дел од најдобрата петорка на првенството.

fiba.basketball

Во мојот роден град бев одликуван со највисокото општинско Осмооктомвриско признание за посебни заслуги и афирмација на општината во меѓународни рамки, а од мојот прв клуб КК Крива Паланка добив плакета за амбасадор на клубот.

Последниот месец од минатата година ги добив одличјата што ја крунисаа 2019-та: признание за најдобар млад играч во мојот клуб, признание за најдобар млад играч во мојата Македонија и најзначајното од сите, поканата да бидам дел од сениорската репрезентација на Македонија, што ме прави горд и истовремено ме обврзува да работам уште повеќе“, го почнува Јакимовски интервјуто за basketball.mk.

Какво е чувството да бидеш најголем талент во земјава и веќе да го пробиваш професионалниот пат во Италија на 18 години?

„Сметам дека талентот е само една компонента во целината на успехот на секој спортист, а многу други фактори се дел од комплетниот мозаик, како: труд, посветеност, вложувања во себе, одрекувања, поставување цели и приоритети и нивно исполнување.

fiba.basketball

Така сум работел и сум се пробивал досега, во силната конкуренција играчи и во нашата земја и во Италија, а мислам дека тоа е единствениот сигурен начин да се реализира нешто, затоа така и ќе продолжам во иднина, со силна волја, енергија и напорна работа.“

Каде се гледаш за 3-4 сезони?

„Во следните 3-4 години се гледам во клуб каде ќе можам да го покажам целиот мој потенцијал како играч, во клуб во кој ќе можам како досега да напредувам и да носам клупски високи резултати.

fiba.basketball

Не можам од оваа перспектива да кажам дали тоа ќе биде Торино или некој друг европски клуб, но со сигурност знам дека таму каде што сум сега имам одлични услови за развој како играч, имам добри колеги, тренери, се што е потребно за да бидам задоволен. Со сениорската репрезентација сонувам настап на Европското првенство.“

Многу млад замина во странство, па кошаркарската публика во Македонија не знае многу за тоа како го пробиваше својот пат. Можеш ли да ја запознаеш малку?

„Почнав да тренирам кошарка во 2008 година, на седумгодишна возраст, на почетоците на формирање на клубот КК Крива Паланка, под менторство на Ведран Белешковски и Мирослав Ивановски.

Усовршувајќи се од година во година, почнав да настапувам за младинските лиги од сезоната 2010/11 се до 2013/14. На 14 години станав член на младинската репрезентација, подоцна бев повикан и во репрезентација М-16.

Од сезоната 2014/15 преминав во КК Феникс каде со тренерот Денис Дервишевиќ настапивме во Централно-Европската EYBL –European youth basketball league каде се истакнав меѓу 120 играчи од 12 екипи како најдобар стрелец во лигата и МВП-најкорисен играч на првенствените Европски турнири во Сопрон и Будаорс (Унгарија), обезбедувајќи пласман на тимот во осумте најдобри Европски клубови, така што настапот за Феникс ми беше ‘отскочна даска’ за развој на мојата интернационална кариера.

фото: baskettorinoofficial.com

Во сезоната 2016/17 потпишав договор за ПМС Торино, Италија каде и ден денес настапувам, покрај младинските лиги,каде неодамна бев прогласен за најдобар млад играч, од оваа сезона сум дел и од сениорскиот тим на Торино.“

Што би им порачал на читателите на basketball.mk на почетокот на новата година?

„Секоја цел е достижна, а секој сон остварлив. Се зависи од нас и од тоа колку ќе се вложиме во нивната реализација. Секој успех е триумф на упорноста, бидете посветени, упорни и се што правите, правете го од срце.

Тоа што го поседувате не може да се оддземе, спречи, уништи… Упорност, истрајност и посветеност до крај!“