ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА ИГРАЧ НА СЕЗОНАТА – Иве Иванов!

ИГРАЧ НА СЕЗОНАТА – Иве Иванов!

сподели

МЗТ Скопје имаше четворица странци последната година и факт е дека погоди со секој од нив. За разлика од претходните сезони кога ги менуваше секоја недела, сега клубот од Аеродром остана цврст на својот избор, ги издржа сите маки и на крајот се исплатеше.

Проблем беше само повредата на Андрија Бојиќ кој ги пропушти последните два месеца од сезоната, но пред да му се случи тој хендикеп, Србинот беше еден од најдобрите. Во негово отсуство, тука беа другите играчи во широкиот ростер на МЗТ Скопје да ја пополнат дупката.

Фото: МЗТ Скопје

Пред сите Иве Иванов кој е втор добитник на признанието за играч на сезоната во изборот на basketball.mk, по Чавдар Костов кому му припадна оваа награда за 2017/18. Хрватскиот интернационалец беше еден од најконстантните во составот на Ѓорѓи Кочов, неговите искуство и квалитет се покажаа клучни во финалната серија против Работнички во која МЗТ Скопје првпат во историјата го „исчисти“ најтрофејниот клуб со 3:0.

Иванов сезонава одигра 26 натпревари во македонското првенство, со учинок од 13,2 поена, 4,7 скока и 2,5 асистенции со просечен индекс 14,5 за 31,7 минути на теренот.

фото: МЗТ Скопје

Како би ја оцениле сезоната во која МЗТ Скопје ја врати титулата во домашното првенство во своја сопственост?

„Имавме проблеми со повреди во текот на целата година, но можам да кажам дека сезоната беше добра. Ја освоивме титулата, игравме финале на АБА 2 и дополнителни квалификации со Задар и загубивме на една топка.

КФСМ

Жалам за тоа, како и за Купот на Македонија, но во тој период имавме мошне згуснат распоред и не успеавме доволно да се подготвиме за тие натпревари“.

Игравте во Хрватска и Словенија, сега и една година во Македонија. Задоволен ли сте од вашиот учинок оваа сезона?

„Да, многу, подеднакво на професионален и на личен план. Давав се од себе, ме послужи и здравјето и се помина во најдобар ред“.

Во доигрувањето за пласман во АБА лигата моравте да играте против „вашиот“ Задар. Какво беше чувството?

„Многу чудно, со голем број од тие играчи играв минатата сезона, а сега требаше да ги победам за да го однесам мојот тим во АБА лигата.

фото: Zadar/Zvonko Kucelin

И пред почетокот на таа серија реков дека жалам што морам да играм токму против Задар, но јас во тој момент бев играч на МЗТ Скопје и морав да бидам професионалец, односно да ги оставам емоциите настрана.“

Кој беше клучниот елемент за освојување на шампионската титула во домашното првенство?

„Тоа што се поставивме како вистина екипа, како колектив кој е решен да оди до крај. Многу поминавме оваа сезона, на крајот се прегрупиравме и дадовме се од себе на секој натпревар од Суперлигата и плеј-офот. Сметам дека заслужено го освоивме првенството затоа што бевме константни во текот на целата сезона.“

фото: МЗТ Скопје

Какви се плановите за идната сезона, останувате ли во МЗТ Скопје?

„Уште ништо не се знае, но морам да кажам дека мене ми беше прекрасно во овој клуб и во Скопје, генерално. Тоа е убав град, уживав во слободните денови разгледувајќи го.

фото: Zadar/Zvonko Kucelin

Не знам дали ќе останам, имав договор на една сезона, но што и да се случи, благодарен сум на тренерите, соиграчите и луѓето од клубот. Се надевам дека МЗТ Скопје ќе се врати во АБА лигата бидејќи раководството и стручниот штаб навистина го заслужуваат тоа.“

Кој кошаркар ви остави најголем впечаток во македонското првенство, ако не ги сметаме соиграчите од МЗТ?

„Најдобрите играа во мојот тим, но ако морам да бирам од другите клубови, би го издвоил Чавдар Костов од Работнички.“

Имате ли порака за челниците на МЗТ Скопје за идната сезона во однос на тоа како треба да изгледа екипата?

„Мислам дека би било најдобро да остане костурот, односно главните играчи, предводен од тренерот Кочов, плус 2-3 засилувања. Верувам дека тоа ќе биде доволно да се освои првото место во АБА 2 и тимот да се врати во елитата“.