ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА И Мијатовиќ во Пелистер!

И Мијатовиќ во Пелистер!

сподели

Странецот со најдолг стаж во македонската кошарка во моментов, во новата сезона ќе игра за шестиот клуб во земјава.

По една година, тој го напушти Работнички и ќе се пресели со Пелистер кој во новата натпреварувачка кампања ќе влезе со значително зголемени амбиции. Битолчани претходно ги ангажираа Бобан Стајиќ и Бојан Трајковски, а Данило Мијатовиќ ќе биде првото странско засилување.

Српскиот крилен играч дојде во Македонија во 2015 година, како член на МЗТ Скопје. Следната сезона се пресели во Куманово, па пак се врати во Аеродром, за две години потоа да игра за Блокотехна. Со згаснувањето на гевгелискиот прволигаш, тој се пресели во АВ Охрид, но таму не одигра ниеден натпревар бидејќи овој клуб се расформира непосредно пред почетокот на минатата сезона.

Работнички го донесе во своите редови, но не виде голема корист од него бидејќи со 36 години, Србинот е далеку од својата најдобра форма.

Што се однесува до Пелистер, претстојната недела треба официјално да биде решено и тренерското прашање. Најсериозен кандидат за позиција е еден од поискусните и трофејни македонски струњаци кој во дел од кариерата работеше со Мијатовиќ.