ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА И Лука Савичевиќ во МЗТ 2!?

И Лука Савичевиќ во МЗТ 2!?

сподели

Уште кога беше формиран, политиката на вториот тим на МЗТ Скопје беше да вади млади играчи за сениорскиот погон и да регрутира талентирани кошаркари од целата држава.

Во таа насока е и многу веројатниот ангажман на македонскиот младински репрезентативец Лука Савичевиќ, еден од нашите најголеми таленти во моментов. Во февруари стана полнолетен, производ е на школата а Вардар, но претходните две години ги помина во Мадрид, во Шпанската кошаркарска академија.

Неодамна, во интервју за КФСМ, Савичевиќ најави заминување од Шпанија и нов чекор во својата кариера. Со оглед на тоа што е едвај полнолетен, играњето во Првата лига на Македонија би бил првиот чекор кон стекнувањето искуство во сениорската кошарка. Идејата е многу брзо, можеби и на полусезона, да се вклучи во работата на првиот тим на МЗТ Скопје. Нема да му биде тешко да се вклопи бидејќи во составот од Аеродром има играчи кои настапуваа со него во јуниорската селекција која лани во Романија го освои четвртото место на Б-Европското првенство, како Дарио Митевски, Виктор Исајлоски и Андреј Андоноски.

Савичевиќ беше дел и од М16 репрезентацијата на Македонија која пред две години, на Европското Б-првенство во Сарајево го освои третото место и бронзениот медал. На тој шампионат, нашиот кошаркар беше најдобар асистент со просек од 5,5 додавања по натпревар.

Basketball.mk неофицијално дознава дека иницијалните контакти се направени и соработката треба да се официјализира наскоро. МЗТ Скопје 2 веќе има нов тренер, Борче Даскаловски кој деновиве ќе почне со изградба на ростерот за новата сезона.