ПОЧЕТНА ЕВРОПА Хаос во АБА лигата: И Морнар излегува од јадранското друштво!?

Хаос во АБА лигата: И Морнар излегува од јадранското друштво!?

сподели
фото: KK Mornar

Црногорскиот прволигаш Морнар не доби место во Еврокупот поради што најави дека ќе го ревидира своето учество во АБА лигата.

Во континенталното натпреварување, од јадранската лига ќе учествуваат Партизан, Будуќност и Олимпија, со која на коло пред крајот на основниот дел од сезоната, Морнар имаше ист биланс, но подобар скор во меѓусебните дуели и се бореше за пласман во плеј-офот.

Одлуката, тимот од Бар да не добие место во Еврокупот, беше образложена со неможноста два клуба од иста држава да учествуваат во ова натпреварување.

„Одлуката е срамна. Ако Бордот на Еврокупот донесеше одлука како Евролига, да ја поништеше сезоната и да ги оставеше истите учесници како лани, немаше да кажеме ни збор. Евидентно е дека спортските резултати не влијаат на тоа кој ќе игра во Еврокупот.

Логично е по ова да го преиспитаме нашето учество во АБА лигата, бидејќи сега отворено се поставува прашањето – која е целта на натпреварувањето во кое не се вреднуваат резултатите остварени на паркетот“, изјави претседателот на Морнар, Ѓорѓија Павлиќевиќ.

Клубот мошне сериозно и амбициозно се подготвуваше за новата сезона во која сакаше да се бори за титулата во АБА лигата, а во исто време да направи силен состав кој ќе стигне далеку во Еврокупот. Сето тоа може да падне во вода и Морнар да остане да игра само во домашното првенство или, во краен случај, да се префрли во Лигата на шампионите на ФИБА.

По ова, две екипи што минатата сезона учествуваа во АБА лигата се неизвесни за претстојната. Едната е Приморска од Копер чија натамошна егзистенција е доведена во прашање, а втората е Морнар кој во следниот период, веројатно најдоцна до 1 јули, ќе треба да одлучи што понатаму.