ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Гостивар сериозно размислува за АБА 2!

Гостивар сериозно размислува за АБА 2!

сподели
фото: КК Гостивар

Долгогодишната желба на жителите на најкошаркарскиот град во Македонија, нивниот кошаркарски клуб повторно да заигра на меѓународна сцена би можела да се оствари претстојната сезона.

Во текот на вчерашниот ден Управниот одбор на КК Гостивар одржал состанок на кој се проектирал планот за следната натпреварувачка кампања, бил утврден буџетот, но главна тема била учеството во АБА 2 лигата каде Македонија доби две места. Неофицијално, постојат позитивни сигнали, но во овој случај не одлучува само желбата на луѓето од клубот, туку треба да се исполнат и неколку услови.

Пред се, станува збор за салата која не е во најдобра кондиција и треба да се санира. Одамна е познато дека во „Младост“ најголем проблем е греењето, покривот прокиснува, а треба да се реновираат и соблекувалните. Со салата стопанисува Општина Гостивар, а градоначалникот Арбен Таравари ветил дека ќе се потруди да се средат овие недостатоци.

Гостивар, покрај МЗТ Скопје, е првиот македонски клуб кој почна да прави планови за настап во меѓународните натпреварувања. Во новата сезона осум, а можеби и девет наши екипи ќе имаат шанса да се пријават во некое од нив: засега има две места во АБА 2, две во БИБЛ и четири во Лигата на шампионите со реални изгледи МЗТ Скопје по пауза од две години да се врати во елитната дивизија на АБА.

Последен пат Гостивар играше во европските купови во сезоната 2002/03, тогаш се уште под името Николферт. Како актуелен освојувач на Купот на Македонија, учествуваше во ФИБА Челинџ купот, но испадна во групната фаза каде подобар беше АЕЛ Лимасол од Кипар.