ПОЧЕТНА СВЕТ Големото враќање на Мело

Големото враќање на Мело

сподели

Ни кога имаше подобри бројки отколку во дресот на Портланд, а играше за Њујорк Ник или Оклахома Сити Тандер, Кармело Ентони не беше прогласен за играч на неделата.

Тоа му успеа сега, само десетина дена откако се врати во НБА лигата по пауза од речиси една година, а првпат по 2014-та. Во дуелите со Чикаго, Оклахома и повторно Чикаго, поранешниот американски репрезентативец играше како препороден, постигнувајќи 22,3 поени и 7,7 скокови по натпревар што, сепак, е далеку од бројките на некои други кошаркари во лигата.

И со нив е прогласен за играч на неделата во Западната конференција што сигурно ќе биде уште поголем мотив за третиот пик од 2003 година. Можеби можеше признанието да замине кај Харден или Дончиќ кои беа далеку пред Мело, но таква е одлуката.

Играчот на Далас минатата недела постигнуваше по 30,3 поени, 9 асистенции и 8,7 скока, а на Хјустон по 42 поена, 8 асистенции и 6 скока. Единствената разлика со Ентони е тоа што Далас и Хјустон имаа биланс 2-1, а Портланд 3-0.

Во Источната конференција за најкорисен играч е прогласен Јанис Адетокумбо кој постигнуваше по 34,8 поени, 11,3 скока и 4 асистенции.