ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Годината пресвртница за Гостивар

Годината пресвртница за Гостивар

сподели

Во сезоната кога најкошаркарскиот град ги виде двете победи во регуларниот дел против лидерот и шампион МЗТ Скопје, кога првиот што го кутна Работнички од престолот на почетокот на новиот милениум сега имаше подобар пласман и ростер од најтрофејната наша екипа, кога сите коцки беа наместени да се играат најмалку финалињата во Купот и првенството каде многу веројатно ќе паднеше еден трофеј, пред гостиварци се испречи глобалната светска напаст, која ни го смени животот на сите нас и на сите полиња.

Од оваа ситуација шампионите треба да се извлечат шампионски, големите победници треба да продолжат по својата одозгора пишана патека, навидум малите, но со огромно срце, треба да научат и времето што им беше дадено како вакуум да го искористат за реконструкција, реорганизација и атак на повисоки цели.

фото: gostivarpress.mk

Гостивар виде дека резулат нема преку ноќ, дека се потребни домашни играчи за сликата да биде убава и прифатена од домашната публика, дека младинскиот погон е клучот на секој успех, дека поздравот на улица кога полните очи на кошаркарските љубители ти даваат поттик, се нешта што не се купуваат ни со пари, ниту со многу пари, ниту пак со најмногу пари.

Ова е време во кое не смее да се дозволи тоа мало гратче со најголемата душа во кошаркарска Македонија, да ја загуби единствената и најголема љубов, потреба и навика. Кошарката во Гостивар ги обединува сите, како никаде во нашата земја, а можеби и во светот.

Потребна е општа мобилизација, со сите сили, да се тргне во народна работна акција, како некогаш кога се градеа патишта и фабрики, од кои живееја цели градови и републики.

Градоначалникот на Гостивар, г-дин Арбен Таравари, е можеби клучната алка во формирање на стабилен клуб, по рецептот на другите екипи кај нас, но со далеку поплодна почва со оглед на поддршката што клубот ја има на трибините, на која и завидуваат буквално сите во нашата земја.

На КК Гостивар му се потребни спонзорите, фирмите, политичарите, општината, функционерите, стопанствениците, љубителите на спортот, децата кои сакаат спорт, господата и дамите кои уживаат да посетуваат културно-социјални настани, сите заедно секогаш и постојано да бидат присутни во таа огнена пештера не случајно наречена „Младост“, од која блика неповторлива енергија која не може да се опише, кога милениците чекорат по паркетот.

mkf.mk

Сите тие заедно, на секоја трибина, а сите трибини треба да се ословуваат со епитетот „ложа“, да се впрегнат и да ја истуркаат идејата, што природно извира од нивното битие и постоење.

Сезоната што е зад нас ќе посакаме да ја заборавиме поради опасноста што не демне насекаде околу нас, но тоа време ќе помине, а животот ќе продолжи.

Следната сезона ќе отвори многу нови фронтови и хоризонти, за македонските кошаркарски екипи. Повеќето наши тимови од нашиот од врв размислуваат во кое европско натпреварување да се пријават, најверојатно три тима ќе добијат јадранска виза во првата и втората АБА лига, се создаваат, односно се реинкарнираат кошаркарски центри во Македонија.

Гостиварци, искористете го искуството што го стекнавте последните 2-3 сезони. Гостиварци, соберете сила да се здружите и да се стремите кон заедничката цел, која ќе ве направи посреќни и поголеми, а со тоа и сите нас, кои ја сакаме кошарката и уживаме во спортот.

Подобра шанса и поголема прилика, од ова што го градите сезониве наназад, нема да имате. Многу е тешко да се почне од почеток, особено кога повеќе пати се почнува од нула. Далеку е посилно да се чекори трезвено и нагоре, со гордо крената глава, со секој нов потег, знаејќи дека зад тој чекор има возвишена и чистодушна намера.

Гостивар и Македонија заслужуваат силен КК Гостивар, а на македонската кошарка тоа и е неопходно и витално!