ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА ГАЦОВ: Имавме повеќе нерви во финишот

ГАЦОВ: Имавме повеќе нерви во финишот

сподели

Судбината сакаше тренерот на Академија ФМП, својот прв прволигашки триумф со оваа екипа да го оствари против клубот кој еден период го предводеше, а претходно израсна во него како играч во 90-тите години од минатиот век.

Дебитантот во елитата направи големо изненадување совладувајќи го Работнички во петтото коло од Првата лига. Игор Гацов е полн со комплименти за своите играчи кои не потклекнаа пред големото име, беа упорни и на крајот тоа им се исплатеше.

„Имавме тежок противник, но моите кошаркари го исполнија сето она што го барав од нив. На крајот имавме повеќе нерви, ‘земавме’ одговорни шутеви и тие ни донесоа победа.

Работнички беше подобар во првото, ние во второто полувреме. Мијатовиќ и Ефремовски ни направија многу проблеми, но успеавме да ги спречиме со подобра одбрана.

Некој ќе рече дека Работнички можеби не потцени бидејќи не играше Бенџамин, а и го намали темпото во второто полувреме. Јас, сепак, мислам дека го даде максимумот, но во финишот не погоди неколку важни шутеви и тука треба да се бараат причините за конечниот исход. Мотивацијата кај големите тимови опаѓа кога играат со помалите и обратно.

Инаку, и ние имавме проблеми, Харис не играше цела недела, се почувствува замор кај него по ситната повреда, но стисна заби и го даде максимумот, како и целата екипа“, изјави Гацов за basketball.mk.

Академија ФМП пред неколку дена ги објави потписите на новите две американски засилувања со кои треба да биде уште поквалитетна. Едниот од нив веќе пристигна и претстојната недела треба да почне да тренира, а другиот се очекува наскоро.