ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА ФИБА и нуди на Македонија, четири места во Лигата на шампионите

ФИБА и нуди на Македонија, четири места во Лигата на шампионите

сподели
Карпош Соколи (во сезоната 17/18) е единствен македонски клуб кој досега играл во Лигата на шампионите на ФИБА

По пауза од три години, македонските кошаркарски клубови имаат можност да се вратат во европските купови, дознава basketball.mk.

ФИБА со писмо ја известила КФСМ дека за новата сезона се планирани четири места за наши екипи во Лигата на шампионите која од година во година расте според квалитетот, а претстојната кампања ќе биде засилена со три поранешни евролигаши: Дарушафака, Билбао и Ритас кои ги напуштија натпреварувањата на УЛЕБ.

Уште нема најави дали некој од македонските прволигаши ќе ја прифати поканата за настап во Лигата на шампионите. Раководството на МЗТ Скопје во својата реакција кон КФСМ, кога имаше најава за поништување на сезоната, се закани дека нема да игра во домашното првенство, туку во АБА и ЛШ на ФИБА што би можело да значи дека аеродромци ќе го пријават своето учество. Но, во таков случај ќе треба да се регулираат правилата во Првата лига.

Последен пат македонски претставник во Лигата на шампионите имаше во сезоната 2017/18 кога Карпош Соколи не успеа да ги помине квалификациите, односно беше елиминиран од естонскиот тим Калев Талин и потоа настапи во групната фаза од ФИБА Европа купот.