ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Димитријевиќ во топ-5 млади играчи во АЦБ лигата

Димитријевиќ во топ-5 млади играчи во АЦБ лигата

сподели
фото: Club Joventut Badalona

Македонскиот репрезентативец не го освои признанието за најдобар млад играч во шпанското првенств, но доби место во идеалната петорка за сезоната 17/18.

Тој освои 40 поени во гласањето во кое победи Карлос Алосен од Сарагоса со максимални 100 бода. Во најдобрата постава млади кошаркари се најдоа уште Усман Гаруба од Реал, Арнолдас Кулбока од Билбао и Вит Крејци од Сарагоса.

„Иако некогаш делува како ветеран, Димитријевиќ со 22 години, се уште е еден од младите проспекти на „зелено-црната“ армија кој не престанува да блеска во АЦБ лигата. Иако беше стартер на само 6 од вкупно 24 натпревари оваа сезона, Македонецот е еден од главните во системот на Карлес Дуран, со ефект од 8,5 поени, 3,5 асистенции и индекс 6,8 по натпревар“, се вели во анализата на АЦБ лигата.

Димитријевиќ денеска најверојатно ќе го одигра последниот натпревар во дресот на Хувентут. Од 15:30 каталонскиот клуб игра против Басконија во петтото коло од завршниот турнир што се одржува во Валенсија. Хувентут ги загуби шансите за пласман во полуфиналето, па овој меч ќе биде само формалност за двете екипи, со оглед на тоа што Басконија е сигурна на второто место.