ПОЧЕТНА Некатегоризирана Димитријевиќ ќе игра во Еврокупот

Димитријевиќ ќе игра во Еврокупот

сподели

Европскиот шампион од 1994 година, Хувентуд го пријави своето учество во второто по квалитет европско клупско натпреварување.

Каталонскиот клуб се враќа на меѓународна сцена по пауза од две години, а само вторпат во последната деценија. Хувентуд е еден од 25-те екипи кои го потврдија својот настап, но една од нив ќе добие специјална покана за учество во Евролигата.

Последен пат во европските купови Хувентуд учествуваше во сезоната 2017/18 и тоа во Лигата на шампионите на ФИБА, но не успеа да ги помине квалификациите и доживеа елиминација во втората рунда од финскиот претставник Катаја.

Тоа е далеку од реномето на овој клуб кој на почетокот од 90-тите години од минатиот век беше еден од најсилните во АЦБ лигата и во Европа. Во 1991 и 1992 година ја освои титулата во шпанското првенство, во 1992 година играше во финалето од Евролигата, а две години подоцна ја освои титулата под водство на Жељко Обрадовиќ.

Веќе три години стандарден член на првиот тим на Хувентуд е македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ кој ќе има нова шанса за квалитетни меѓународни натпревари иако шпанската лига е можеби најсилна во моментов во Европа.