ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Димитријевиќ и Јакимовски загубени за репрезентацијата!

Димитријевиќ и Јакимовски загубени за репрезентацијата!

сподели

Тукушто се понадевавме дека нови ветришта ќе почна да дуваат во националниот тим и дека процесот на негово подмладување ќе биде уживање за сите, доживеавме шок.

Задоволство е тоа што идната сезона Ненад Димитријевиќ (најверојатно) ќе игра во Евролигата, а Андреј Јакимовски во НЦАА и ќе имаме претставници во овие две исклучително силни и важни натпреварувања. Разочарувањето е поради тоа што двајцата кошаркари кои во блиска иднина треба да бидат носители на играта во репрезентацијата, ќе ги немаме на располагање за остатокот од квалификациите за Европското првенство, а можеби и потоа.

Познато е дека клубовите што учествуваат во Евролигата немаат обврска да ги пуштаат своите играчи во репрезентациите, па ни Валенсија не мора да го ослободи Ненад Димитријевиќ, без разлика дали во деновите кога ќе играме против Италија, Естонија и Русија, овој тим ќе има меч од елитното натпреварување. Истото важи за екипите од НЦАА, поточно од американскиот континент.

Тоа уште сега му создава главоболки на селекторот Александар Тодоров иако до следниот прозорец на ФИБА има уште пет месеци.

„За Димитријевиќ не би сакал да коментирам додека не биде потврден неговиот трансфер во Валенсија. За Јакимовски можам да кажам само едно – катастрофа.

Мислам дека Андреј е загубен за репрезентацијата во следните четири години, односно додека му траат студиите и игра во НЦАА. Независно од тоа што му ветиле дека ќе го пуштат да игра во квалификациите, не верувам дека Американците ќе го одржат ветувањето.

Дури, не верувам дека ќе му дозволат да игра и идното лето на Европското М20 првенство“, вели Тодоров за basketball.mk.

fiba.basketball

Ако Димитријевиќ и Јакимовски навистина не настапат повеќе во квалификациите за Европското првенство, практично македонската репрезентација ќе се врати на старо, односно на периодот кога играше претквалификации бидејќи во тој циклус не играше ни едниот, ни другиот – Димитријевиќ затоа што беше во конфликт со претходното раководство на Федерацијата, а Јакимовски затоа што беше многу млад, дури ни полнолетен.

Димитријевиќ има 22 години, Јакимовски 19, би било добро некои кошаркари од нивните генерации да ги пополнат местата.