ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Дијамантот го имаме, треба само да се избруси

Дијамантот го имаме, треба само да се избруси

сподели
Андреј Андоноски на кадетското Европско првенство Б-дивизија во Сараево 2018 година (фото: FIBA)

Младинските европски првенства последните години покажаа дека Македонија не стои така лошо со таленти како што некои сакаат да претстават.

Точно е дека има „дупка“ со кошаркари родени во последната деценија од минатиот век, но оние помладите можат наскоро да ја пополнат. Дел од нашите талентирани кошаркари се веќе во странство, во познати академии или сениорски екипи, другите треба наскоро да се промовираат.

Новата јуниорска селекција веќе почна да се создава (фото: КФСМ)

Андреј Андоноски (роден на 2 април 2002 година) е следното големо име меѓу нив. Новиот капитен на јуниорската репрезентација под водство на Тони Симиќ, играше и за претходната генерација на Европското првенство Б-дивизија во Романија, каде нашите кошаркари го освоија четвртото место и за малку им избега промоцијата во повисок ранг.

Поранешниот играч од младинската школа на КК Феникс, летово ја смени средината и се пресели во вториот тим на МЗТ Скопје, кој се натпреварува во Првата лига на Македонија. Иако уште тинејџер, згора на тоа и средношколец, Андреј покажува завидна зрелост и најавува дека од него може да очекуваме големи нешта во иднина.

„По 10 години со тренерот Денис Дервишевиќ во Феникс, ми требаше малку време да се вклопам во новата средина, во МЗТ 2. Тука ми помогна познанството со повеќето играчи од екипата со кои веќе претходно играв во репрезентации. Можам да кажам дека сега веќе сум целосно вклопен во МЗТ, благодарeјќи на тренерот Горан Крстевски и соиграчите.

До минатата пролет Андоноски беше член на Феникс со кого играше на завршниот турнир за кошаркари до 18 години

Со оглед на тоа дека веќе имам некакво искуство во Втората Лига со Феникс, мислам дека ова е голема можност за мене, да играм со повозрасни и поискусни играчи кои се големи имиња во македонската кошарка. Мојот тим МЗТ 2 е млада екипа со која оваа сезона ќе дадеме се од себе да се покажеме во достојно светло и да опстанеме во Првата Лига“, вели 17-годишниот крилен играч.

Еден од најтешките моменти во поновата историја на македонската (младинска) кошарка, беше неуспехот во завршницата од Европското првенство во Романија. Забележавме два пораза во борбата за пласман, кои ги оддалечија јуниорите од место во елитата.

„Остваривме шест победи по ред и очекувавме уште една, за влез во А-дивизија, како што успеавме претходната година со генерацијата 2002-ра, на ЕП до 16 години што се играше во Сараево.

FIBA

Израел успеа да нѐ надигра во полуфиналето, а потоа и Чешка ни врати за поразот од претходната година, во дуелот за третото место. Ми беше многу жал за пропуштената шанса, мислам дека можевме повеќе. Но, тоа е спортот“.

Новата јуниорска селекција веќе имаше еден собир, одигра и турнир во Бугарија кој повеќе беше загревање бидејќи противниците не беа на рангот на нашите кошаркари.

Сепак, ова е генерацијата која лани го освои третото место на кадетското Европско првенство Б-дивизија и од неа може да се очекува уште едно пријатно изненадување.

„На првиот турнир поминавме одлично, иако не бевме комплетни поради отсуство на неколку играчи, кои што беа дел од репрезентацијата на претходното европско првенство. Се надевам и имам голема желба, повторно да го постигнеме истиот успех и да влеземе во А-дивизија, како со М16, така и со М18.

Андоноски беше МВП на првиот подготвителен турнир на М18 репрезентацијата во Бугарија

Сметам дека во мојата генерација има голем број талентирани играчи и дека со целосна поддршка од Федерацијата, имаме жанси да постигнеме уште поголеми успеси на наредните континентални шампионати.“