ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Ден за трансфери – се приклучи и Академија ФМП

Ден за трансфери – се приклучи и Академија ФМП

сподели

Пред да заминат на неколкудневен одмор на продолжениот викенд за Илинден, челниците на македонските клубови одлучија да завршат некои работи, односно трансфери.

По МЗТ Скопје, Пелистер и Црн Дрим, денеска засилување промовира и тимот на Академија ФМП. Нов член на клубот од Кисела Вода е американскиот плејмејкер Терел Липкинс. Професионалната кариера ја почнал во екипата на ГБА Лионс Храдец од Чешка, каде што настапувал во сезоната 2016/17, оттаму се преселил во Политехна од Романија за потоа да се врати и ги одигра последните две сезони во клубот каде што и почна. Во Академија ФМП ќе го замени Рони Харис кој својата кариера ќе ја продолжи во Швајцарија.

Минатата сезона Липкинс просечно постигнувал по 18 поени, 5 скока и 7 асистенции.

„Би сакал да се заблагодарам на клубот што ми ја даде довербата да го облечам дресот на Академија ФМП за престојната сезона. Возбуден сум и задоволство ми претставува што доаѓам во Македонија, во градот Скопје.

Знам дека ова е респектабилна лига и ќе дадам се од себе за да го претставиме клубот во најдобро светло. Очекувам напорна работа од екипата и се надевам на добар пласман сезонава“. изјави Терел за клупската интернет страница.

Академија ФМП летово направи целосна реконструкција на екипата. Од лани останаа само Главчев, Делипетров, Стојановски и Ристовски, а досега, покрај Липкинс, дојдоа: Стефан Крстајиќ, Теодор Атанасов, Лука Петровски, Борјан Обедниковски и Љубиша Димитровски. Смена има и на тренерската позиција, нов шеф на стручниот штаб е Александар Петровиќ кој го замени Владимир Мирковски.