ПОЧЕТНА ЕВРОПА Бруталниот Пешиќ: Барса е фаворит 15 години, а има само две титули

Бруталниот Пешиќ: Барса е фаворит 15 години, а има само две титули

сподели

Според имињата што ги донесе во текот на летото каталонската гордост би требало меѓу најсериозните кандидати за трофејот во Евролигата.

На составот му е потребно време да се вклопи, тоа се виде и во дуелот со Реал во Суперкупот на Шпанија, но искусниот стратег на клупата на овој тим Светислав Пешиќ сака во старт да ја смири еуфоријата која ги зафати навивачите. Точно е дека овој тим на хартија е многу силен, но во Евролигата има уште многу слични екипи.

Четири од петте засилувања на Барса ова лето, сите порано играле во НБА лигата

„Не се собравме за да играме плеј-оф, имаме намера да стигнеме до Ф4, тоа е нашата цел. Но, треба да одиме чекор по чекор и да работиме напорно. Барса е фаворит во Евролигата последните 15 години, а освои само две титули“, изјави Пешиќ.

Хуан Антонио Сан Епифанио во дуел со Тони Кукоч во финалето во 1991 година

Барса со децении важеше за најмалерозен клуб во Европа затоа што знаеше да стигне до финалето од Евролигата (или претходно Купот на европските шампиони), а да не ја освои титулата. Пред да дојде до првиот трофеј загуби пет финалиња: во 1984, 1990, 1991, 1996 и 1997 година.

Некои од тие порази беа болни, како оние во 1984 година кога Барса имаше +13 против Виртус и во 1996 година кога Стојко Вранковиќ на пет секунди пред крајот го блокира шутот за победа на Монтеро. Титулите ги освои во 2003 година на домашен терен и во 2010 во Париз, но во последните девет сезони само три пати играше на Ф4, а на завршните турнири ја нема од 2013 година.

Новиот обид да дојде до третата титулата Барселона ќе го почне од Истанбул каде гостува на тимот од кого загуби во четвртфиналето минатата сезона – Анадолу Ефес.