ПОЧЕТНА НБА „Бормио генерацијата“ даде двајца во Куќата на славните, кој ќе биде третиот?

„Бормио генерацијата“ даде двајца во Куќата на славните, кој ќе биде третиот?

сподели

Југославија отсекогаш имала врвни кошаркари и стручњаци, но кога пред 32 години У-19 репрезентацијата на поранешната држава триумфираше на Светското првенство во Бормио, веројатно никој не помислил дека таа селекција ќе даде некои од најголемите имиња во историјата на овој спорт.

Владе Дивац викендов беше примен во Куќата на славните на НБА како втор член на таа генерација, по Дино Раѓа кој лани ја имаше таа чест. Одличните пријатели сега се „сожители“, го добија заслуженото за нивниот придонес во југословенската, европската и светската кошарка.

Кукоч и Раѓа ја слават втората титула во Купот на европските шампиони во 1990 година (фото: wikipedia)

Се сомнева ли некој дека третиот ќе биде Тони Кукоч? Веројатно е прашање само кога ќе се случи тоа, можеби веќе идната година, односно во Класата 2020.

Пинк Пантер од Сплит е најтрофеен од таа генерација на југословенската јуниорска селекција, можеби е и најтрофеен европски кошаркар во историјата бидејќи трите титули во Евролигата и трите во НБА, заедно со трофеите на ЕП 1991 и СП 1990 вредат повеќе од се. Тони Паркер има четири титули во НБА, но тој немаше успеси во европската кошарка.

Во споредба со своите колеги од југословенската репрезентација од 1987 година, Кукоч е убедливо најуспешен. Дивац нема титули на клупски план, но прв отиде во НБА и најдолго остана – 17 години, а во меѓувреме газеше со репрезентациите на СФРЈ, СРЈ и СЦГ. Раѓа, исто така, нема трофеи во НБА, но со Југопластика освои два во тогашниот Куп на шампиони.

Сите тројца се меѓу 50-те најдобри кошаркари на сите времиња на ФИБА и се чека само денот кога триото ќе се обедини и во Куќара на славните на НБА.