ПОЧЕТНА ЕВРОПА БИБЛ лигата никогаш поочајна

БИБЛ лигата никогаш поочајна

сподели
Блокотехна минатата сезона ја освои титулата во БИБЛ, но во меѓувреме згасна

Со натпреварот меѓу албанскиот Пеја и црногорскиот Ибар почнува новото издание од регионалното натпреварување чиј актуелен шампион е клубот што повеќе не постои – Блокотехна.

Ова е 12-та сезона во БИБЛ лигата, но според учесниците и организацијата таа никогаш не изгледала вака очајно. Имало пропусти, квалитетот опаѓаше од година во година за сега да остане со само пет екипи. Покрај Пеја и Ибар, тука се уште Влазнија д Албанија, Раховеци од Косово и Академик Бултекс од Бугарија.

АВ Охрид сезонава требаше да ги брани боите на Македонија, но го снајде истата судбина како Блокотехна (фото: АВ Охрид)

Токму клубот од Пловдив веројатно ја спаси лигата оваа сезона бидејќи одлучи да учествува во неа и покрај одлуката на клубовите и Бугарската кошаркарска федерација да се бојкотира поради слабиот квалитет.

Во БИБЛ требаше да учествува АВ Охрид кој веќе беше пријавен за настап, но не го дочека своето деби затоа што во меѓувреме клубот згасна. Интерес покажа и Шкупи кој имаше и подготвен спонзор, меѓутоа откако КФСМ го одби барањето на чаирчани да играат во Првата лига, пропадна и можноста овој клуб да игра на меѓународна сцена.

БИБЛ лигата е единствено интернационално натпреварување каде македонски клубови освојувале трофеи. Покрај триумфот на Блокотехна, во 2011 година пехарот го освои и Фени Индустри. Прв освојувач на титулата е Рилски Спортист под водство на Александар Тодоров, пред точно една деценија кога противник во финалето му беше Работнички, со трофејот подоцна се закити и Марјан Илиевски како тренер на Приштина. Во 2017 година финалист беше уште македонски клуб – Куманово кој загуби од Берое.

Александар Тодоров е прв освојувач на титулата во БИБЛ лигата

Своевремено во БИБЛ лигата учествуваа и клубови од Израел, а најуспешни се Бугарите кои имаат пет трофеи: три на Левски и по еден на Рилски Спортист и Берое.

Не е исклучено, како и минатите години, во текот на сезоната да биде зголемен бројот на учесници. Така правеше Блокотехна претходните две натпреварувачки кампањи кога во БИБЛ лигата влегуваше во декември или јануари.