ПОЧЕТНА ЕВРОПА Барса и без титула и без тренер!

Барса и без титула и без тренер!

сподели

Еден ден откако загуби во финалето од АЦБ лигата, Светислав Пешиќ замина од тренерската функција во Барселона.

Од „блауграна“ си оди по 2,5 години, но и без комплетирана мисија, односно без шампионска титула во домашното првенство што беше основен императив на најскапиот тим во Европа оваа сезона. Имаше договор до 2021 година, но нема да го одработи до крајот.

„Пред да ја почнеме завршната фаза од првенството, во Валенсија, се договорив со клубот дека ова ми е последна сезона на тренерската позиција бидејќи мојата работа е завршена и време е моето место да му го отстапам на друг. Горд сум на својата работа и секогаш ќе и бидам на услуга на Барса. Благодарен сум на сите навивачи и на управата на поддршката, а на клубот му посакувам многу успех во иднина“, објави Пешиќ во својата проштална порака.

Вториот мандат на тренерската позиција во Барселона му беше многу понеуспешен. Не освои титула, а единствените трофеи му беа во Копа дел Реј, во 2018 и 2019 година. При првиот престој, на почетокот од овој век, освои две титули во домашното првенство и една во Евролигата, прва во историјата на клубот.

Ваквиот развој на настаните наведува на тоа дека Шарунас Јасикевичиус знаел за договорот меѓу управата на Барса и српскиот стручњак и затоа првично ја одби(л) понудата од Фенербахче да го замени Жељко Обрадовиќ. Веројатно тој ќе биде наследникот на Пешиќ на клупата на каталонскиот клуб.