ПОЧЕТНА Евролига Барса го потврди Миротиќ, одговорот на Реал е – Теодосиќ!?

Барса го потврди Миротиќ, одговорот на Реал е – Теодосиќ!?

сподели

Она што се најавуваше долго време доби потврди лично од каталонскиот гигант – Никола Миротиќ се враќа во Европа и тоа во Блауграна.

Кошаркарот кој излезе од школата на Реал Мадрид во следните три години ќе биде член на Барселона со опција договорот да биде продолжен на уште една. Шпанскиот репрезентативец роден во Подгорица претходните пет години ги помина во НБА лигата, смени неколку франшизи, одигра 319 натпревари, но не го потврди потенцијалот.

Барселона во новата сезона ќе го има можеби најсилниот состав во Европа бидејќи покрај Миротиќ, ги донесе уште Алекс Абринес, Кори Хигинс и Брендон Дејвис, а договорите ги продолжија Ертел и Ханга. Се шпекулира дека е можно по речиси две децении да се врати и Пау Гасол кој тука би ја завршил кариерата.

Реал доминира во шпанската кошарка последните пет години, во овој период освои четири шампионски титули и има фантастични кошаркари, но ќе мора да одговори на фуријата на пазарот од Барселона бидејќи во спротивно нема да биде конкурентен.

Неколку шпански медиуми објавија дека е можно во Мадрид да дојде еден од најдобрите европски плејмејкери Милош Теодосиќ. Србинот е без ангажман од јануари годинава кога си замина од Лос Анџелес Клиперс, а преку неговата менаџерска агенција бил понуден на актуелниот шпански првак.

Официјална потврда на оваа тема уште нема, Реал ги има Серхио Љуљ и Факунто Кампацо, по потреба и Фабиен Козер на плејмејкерската позција, но тешко дека би одбил играч како Теодосиќ.