ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА БАКОЧ: Чекор напред во кариерата, чест е да се биде дел од...

БАКОЧ: Чекор напред во кариерата, чест е да се биде дел од МЗТ

сподели
Филип Бакоч (лево)

Седумкратниот македонски шампион продолжи со интенцијата да ги собира најдобрите кошаркари од домашното првенство, плус играчи кои се членови на македонската репрезентација.

Во таа насока е и трансферот на Филип Бакоч кој минатата сезона беше член на Еуро Никел, а сега е прво засилување за МЗТ Скопје за претстојната кампања. Поранешниот младински, а актуелен сениорски репрезентативец, откако на селекторската позиција дојде Александар Тодоров, треба да биде пополнување за центарската линија на тимот од Аеродром.

„Чест е да се биде дел од екипата на МЗТ Скопје, ова е голем чекор напред во мојата кариера бидејќи на сите им е јасно што претставува овој клуб во македонската кошарка. Се надевам на успешна сезона и со нетрпение го очекувам стартот на подготовките“, изјави Бакоч за basketball.mk.

МЗТ Скопје е врв на досегашната кариера на 24-годишниот кошаркар кој претходно, освен во Еуро Никел, настапуваше за Карпош Соколи и АВ Охрид. И покрај тоа е свесен за предизвикот и притисокот што го носи играњето во ваков клуб.

„Знам дека сум подготвен за сето тоа, собрав доволно искуство во претходните три сезони, играјќи за АВ Охрид и Еуро Никел. Меѓу другото, настапував во АБА 2 и имав можност да учам од многу поискусни играчи“, додава Бакоч.

Куриозитет е тоа што последниот натпревар во дресот на Еуро Никел, тој го одигра токму против својот нов клуб, на 8 март во „Јане Сандански“, пред прекинот на домашното првенство поради корона вирусот. Сезоната ја заврши со просек од 7,9 поени, 6,4 скока и 1,3 асистенции по натпревар.