ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА (ВИДЕО) Антиќ и Гечевски ги испратија младинците: Докажете дека не сме згрешиле...

(ВИДЕО) Антиќ и Гечевски ги испратија младинците: Докажете дека не сме згрешиле со вас

сподели

Последниот тренинг на македонската младинска репрезентација М20 беше збогатен со присуството на двајцата челници на КФСМ кои дојдоа да им посакаат среќа на нашите надежи на Европското првенство Б-дивизија во Португалија.

Им се обрати спортскиот директор на Федерацијата, Тодор Гечевски кој како активен играч настапуваше на вакви натпреварувања.

„Кога дојдовме на чело на Федерацијата, ни рекоа дека оваа генерација не треба да ја пријавуваме за настап на Европското првенство. Ние не послушавме, поголемиот дел од овие кошаркари јас ги познавам и знам дека се исклучително квалитетни.

Сега вие имате шанса да покажете дека сме биле во право кога ве пријавивме. Постојано сме во комуникација и координација со селекторот Дарко Радуловиќ кој ме увери дека подготовките поминале во најдобар ред, натпреварите во овој период беа добри на резултатски план и се надевам дека ви ги овозможивме сите услови.

Имате целосна поддршка од КФСМ, ви посакувам спортска среќа, коректно однесување… вие сте огледало на Федерацијата. Се надевам дека ќе дадете се од себе со стручниот штаб и ќе постигнете добар резултат“, порача Гечевски.

Селекторот Радуловиќ појасни што значело размислувањето да не се пријави оваа селекција на Европското првенство.

„Најголем дел од овие кошаркари се родени 2000-та година што значи дека се помлади од оние што ќе настапат на шампионатот (1999 н.з.). Тие ќе бидат рамноправни идната година и постоеше опција да ги подготвиме за тоа првенство.

Дарко Радуловиќ (фото: Александар Ристовски)

Но, јас и координаторите на младинските селекции инсистиравме сега да играат, без разлика на резултатот бидејќи настапот на првенството ќе биде од големо значење за нив во поглед на стекнување искуство. Дел од овие играчи не се стандардни во своите екипи, а веќе одамна се во сениорските состави и ова е можност за одигрување нови квалитетни меѓународни натпревари“, појасни Радуловиќ.

Младинската репрезентација на Македонија доцна вечерва патува на Европското првенство Б-дивизија кое од 12-ти до 21-ви јули ќе се одржи во Матосињос, Португалија.