ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Ангели одлучуваат кој ќе биде 12-тиот учесник во Првата лига

Ангели одлучуваат кој ќе биде 12-тиот учесник во Првата лига

сподели
КФСМ

Здружението на прволигаши и раководството на КФСМ, одржаа уште еден состанок на кој се расправаше за новата кошаркарска сезона во Првата лига. До клубовите се доставени финансиски известувања со детален опис на нивните долгови. По неколку корекции, донесена е едногласна одлука, сите клубови мора да ги намират доспеаните долгови најдоцна до 30. септември 2019 година.

Котизацијата за учество во Првата лига за сезона 2019/2020 ќе изнесува 8.000 евра, а сумата ќе се исплаќа на осум еднакви рати по 1.000 евра до 15-ти во секој тековен месец започнувајќи од 15 октомври 2019 година. Првата рата клубовите треба да ја исплатат заедно со доспеаните долгови (до 30.09.2019), а втората рата да се исплати до 15.10.2019. Последната рата клубовите треба да ја исплатат до 15 април 2020 година.

Првата машка сениорска лига за сезона 2019/2020 ќе брои дванаесет (12) клуба. Покрај екипите кои стекнаа право за учество во Првата лига, беше испратен допис до екипите на КК Ангели, КК Карпош Соколи и до КК Шкупи за интерес за учество.

Екипите на КК Ангели и на КК Шкупи испратија допис дека се заинтересирани за учество во Прва лига. Двата клуба ќе мораат да ги намират своите финансиски долгови до зададениот временски рок.

Поради успехот во минатата натпреварувачка сезона, предност им е дадена на КК Ангели кои мораат да поднесат гаранција за котизација до КФСМ како и да ги исполнуваат сите услови за натпреварување во овој степен на натпреварување. Ако клубот од Кисела вода се откаже, Шкупи ќе го пополни последното место во Првата лига за што веќе изрази подготвеност.

Ждрепката на натпреварувачки броеви за претстојната сезона ќе се одржи на 11 септември. Претседателот на КФСМ, Перо Антиќ, ги извести клубовите присутни на состанокот дека секој клуб-прволигаш ќе добие по десет Т-1000 Spalding топки од КФСМ.