ПОЧЕТНА Избор на уредникот АНАЛИЗА: На втора титула им мириса

АНАЛИЗА: На втора титула им мириса

сподели

Чекор по чекор, коцка по коцка, етапа по етапа. Вака се движи еснафскиот проект од Гостивар. Клубот кој што прв ја прекина хегемонијата на Работнички, на почетокот на нашата независност, повторно ќе биде главен претендент за титулата. Никол Ферт со 3:2 славеше во финалето 2000-та, и ја кутна од престолот дотогаш суверена екипа од Градски парк.

Работнички и актуелниот шампион МЗТ Скопје, ги освојуваа титулите минативе две сезони, кога западниот дел на нашата земја повторно заживеа на спортски план. Редици луѓе, река, маса народ, секој натпревар ја полнеше салата Младост, до таван, се монтираа дополнителни трибини, не штедејќи се за омилениот клуб.

Сите во полошкиот град сакаа да го гледаат КК Гостивар, сите си плаќаа билет и си чекаа во ред, а никој не седеше на своето место затоа што сите стоеја и оставаа срце и грло на секоја домашна средба, било тоа победа или пораз. Две сезони по ред, Гостивар живее за кошарката, а кошарката постои за гостиварци.

Крстевски доаѓа во Гостивар?

Кога на преминот меѓу минатиот и овој век, трофејот слета во Гостивар, црни облаци беа надвиснати над овој град со примеси на наместени натпревари, платени судии, играчи што земале пари да не играат, искршени соблекувални и слично. Дали нешто од тоа било точно, никој не знае со сигурност и не може да тврди.

Сега, апсолутно НИКОЈ НЕ СМЕЕ ДА СЕ ОБИДЕ да помисли, а не да каже нешто, затоа што ова е еден од најеснафските, ако не и најеснафскиот македонски кошаркарски продукт.

И Јанески (фото во дресот на Куманово) од Работнички се враќа дома?

Преодниот рок бруи со шпекулации за играчите што сакаат, се нудат, или се барани да играат во Гостивар. Тоа е првата дестинација за сите, особено за македонските кошаркари. Не затоа што таму се даваат најмногу пари, затоа што не се даваат, туку затоа што таму се работи најовечки и се живее најнормално. Тоа, одамна и недостасува на македонската кошарка.

Имињата веќе ги споменавме, шпекулиравме и ние, начувме многу информации, а што ќе испадне вистина, ќе видиме. Обично не објавуваме ништо, додека не сме сигурни, но сега сме сигурни во едно – Гостивар ќе биде центарот на македонската кошарка и во новата сезона. Претхдоните две најмногу со публиката, а сега и со квалитетен ростер. Па да видите сега колку публика ќе има во салата!!!

Најдобриот разигрувач што го имаме последнава деценија, Александар Костоски останува и во новата сезона.

Раководството макотрпно се обидуваше да ги убеди фирмите од градот да помогнат, да финансираат, да одвојат мал дел од буџетите, за да ја држат касата на екипата во баланс. Таму, во тој клуб, парите не се трошат недомаќинкси, тоа треба да го знаат сите. Се знае каде е вложен секој еден денар, затоа и резултатите одат само нагоре.

Тие десет величенствени кошаркарски работници, кои што седат на иста маса, кои што се нарекуваат акционери во клубот, кои што се всушност пријатели и луѓе со големи срца, со многу емоции, тие кошаркарски витези ќе ја направат пресвртницата во кошарката кај нас, верувајте.

Нивниот рецепт е единствениот добитен, верувајте и во тоа. Се друго е инстант супа, која што некој ќе ја голтне, некој нема, но што е најважно нема да остане ништо по неа, без разлика што е освоено.

Се чека ред за влез во Младост, само таму и во ниту една друга сала во нашата земја!

Успехот што следи, посакуваме тоа да е во следнава сезона, ќе биде поголем и од првите 7 шампионски трофеи за Работнички, и од 6-те последователни за МЗТ од АБА ерата, и од изненадувањето Струмица, и од стабилниот трикратен првак Фени Индустри, со сета почит кон сите претходни шампиони.

Во Гостивар ќе дојде титулата, верувајте и во ова, затоа што ќе се смилува оној што треба и ќе им ја подари, на луѓето што најискрено ја сакаат кошарката во Македонија, на луѓето за кои што не постојат поделби по ниту една основа, за луѓето што се луѓе, пред се.

Дали во сезоната што следува, или во некоја наредна, Гостивар ќе биде шампион, а претчувствуваме и му посакуваме тоа да се случи што побрзо!