ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА АНАЛИЗА – БОРИС НЕШОВИЌ: МЗТ заслужи титула, Работнички го чека ремонт!

АНАЛИЗА – БОРИС НЕШОВИЌ: МЗТ заслужи титула, Работнички го чека ремонт!

сподели
КФСМ

Сезоната во македонската кошарка официјално заврши со финалната серија од домашниот плеј-оф. МЗТ Скопје по седми пат триумфира во првенството, совладувајќи го Работнички со 3:0.

Еден од оние кои во својата играчка кариера бил член на двата македонски гиганта, Борис Нешовиќ за basketball.mk го анализира финалето и прогнозира што ги очекува овие два клуба во блиска иднина.

„Работнички во текот на финалната серија се соочи со големи проблеми, но во второт и третиот натпревар одигра машки и покажа повеќе отколку што некои очекуваа.

Во последниот меч играчите ги искористија речиси сите слабости на противникот, особено во играта “pick’n’roll”, додека на теренот беше Самарџиски. На тој начин постигнаа многу тројки, но и лесни положувања.

Како по правило Работнички паѓаше во ритамот во второто полувреме и тогаш се случуваа пресвртите во резултатот. Марјан Јаневски имаше проблеми во одбраната со Иванов, тука треба да се бара една од главните причини за конечниот исход во ова финале.

Генералната оценка е дека МЗТ Скопје заслужено ја освои титулата бидејќи во оваа финална серија играше поконстантно и имаше подолга клупа. Работнички по првиот натпревар падна во голема психолошка криза која го тресеше до крајот.

Помалиот број играчи во ротација беше уште еден голем проблем.

КФСМ

Двете екипи во текот на сезоната имаа свои моменти, Работнички го освои Купот, а МЗТ титулата во првенството. И едните и другите ги чека долго лето во кое треба да се подготват за новата сезона, да направат добра стратегија и план за тоа како ќе ги бранат трофеите и, евентуално, да направат чекор напред.

Поразениот Работнички го чека тотален ремонт бидејќи голем број клучни играчи ги завршуваат своите кариери. Се надевам дека ќе дојдат некои нови, квалитетни момци кои ќе имаат што да кажат во македонската кошарка“, смета Нешовиќ.