ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Американското засилување за ТФТ е најдобриот стрелец од 2016 година?

Американското засилување за ТФТ е најдобриот стрелец од 2016 година?

сподели
Тај Херис (7) веќе играше за четири македонски прволигаши

Опстанокот ќе биде главна амбиција за тимот кој претстојната сезона ќе дебитира во елитната конкуренција, а кој постои едвај две години.

Клубот од Тафталиџе вчера доби „пас“ за пласман во повисок ранг откако Управниот одбор утврди дека не постојат услови за доигрување на натпреварите од Втората лига, на ниеден начин. И претходно имаше „дојави“ дека тоа може да се случи, па веројатно поради што раководството на клубот и тренерот Боро Смилковски почнаа да ги скаутираат играчите што би можеле да ги бранат боите на тимот претстојната сезона.

Basketball.mk неофицијално дознава дека е познато првото странско, засилување за екипата од Тафталиџе. Станува збор за Тај Херис, играч кој има долго искуство во македонската кошарка, а кое датира од 2015 година. Прво играше во Бест, па во Шкупи, Пелистер и последната сезона во Академија ФМП.

Кога дојде во Македонија се наоѓаше во одлична форма и иако играше за последнопласираниот тим во првенството таа сезона (2015/16) беше најдобар стрелец со 21,1 поен по натпревар, пред Марко Луковиќ од МЗТ Скопје и Бојан Трајковски од Куманово.

Во Академија ФМП дојде при последната репрезентативна пауза, во февруари и одигра само два натпревара. Против Вардар беше најефикасен со 18, а против Кожув постигна 14 поени.