ПОЧЕТНА Некатегоризирана Адетокумбо МВП, Дончиќ дебитант, пријателот на Антиќ тренер на годината…

Адетокумбо МВП, Дончиќ дебитант, пријателот на Антиќ тренер на годината…

сподели
Gary A. Vasquez-USA TODAY Sports

Повеќе од два месеца по завршувањето на основниот дел од сезоната, НБА ги одбра најдобрите, оние кои ја одбележаа натпреварувачката кампања.

Највредното индивидуално признание отиде во рацете на грчкиот репрезентативец Јанис Адетокумбо кој е прогласен за најкорисен играч. Сезоната ја заврши со 27,7 поени, 12,5 скока и 5,9 асистенции по натпревар, а Милвоки Бакс го имаше најдобриот биланс. За Гркот ова е прва МВП награда во кариерата, па нормално е што не можеше да се соземе од солзи, дури и кога им се обрати на присутните.

„Пред две години си ветив дека ќе бидам најдобар играч во лигата и дека ќе направам се што е потребно мојот тим да победи. На секој натпревар излегувам со таа мисла. Ова е само почеток, моја следна цел е шампионската титула во НБА лигата“, изјави Адетокумбо, потенцирајќи го придонесот на неговата мајка.

Зад него во гласањето останаа Џејмс Харден, Пол Џорџ и Никола Јокиќ. Гркот освои 941, Харден 776, а Џорџ 356 гласа.

Мајк Баденолцер

Предводникот на неговиот тим Мајк Баденхолцер е прогласен за тренер на годината, вторпат во кариерата. Првиот беше во сезоната 2014/15, кога ја водеше Атланта Хоукс, екипа во која во тој период играше и нашиот Перо Антиќ.

Лука Дончиќ

На Балканот доаѓа и признанието за дебитант на годината кое го освои словенечкиот репрезентативец Лука Дончиќ. Тој победи пред Диандре Ејтон и Тре Јанг.

Паскал Сијакам

За играч со најголем напредок е прогласен крилниот центар на Торонто Репторс, Паскал Сијакам и тој е единствен играч на новиот шампион кој доби награда.

Лу Вилијамс

Трет пат во кариерата Лу Вилијамс доби признание за најдобар шести играч, победувајќи ги соиграчот Монтрезл Херел и центарот на Индијана, Домантас Сабонис.

Руди Гобер

Дефанзивец на годината е центарот на Јута Џез, Руди Гобер кому и лани му припадна истата награда.

Џон Хорст од Милвоки е избран за најдобар оперативец, доскорешниот плејмејкер на Мемфис, Мајк Конли за најдобар соиграч, а доби и награда за пример и однесување во спортот. Бредли Бил од Вашингтон е лауреат за наградата за придонес во заедницата, додека Дерик Роуз од Минесота за момент на годината.

Наградата за пожртвуваност отиде кај Маркус Смарт од Бостон, а признанија за животно дело добија Лери Бирд и Меџик Џонсон.