ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА 3Х3: Ексклузивно пред почетокот на сезоната, со Драган Караџовски

3Х3: Ексклузивно пред почетокот на сезоната, со Драган Караџовски

сподели
Драган Караџовски - десно

Македонското 3х3 здружение интензивно се подготвува за стартот на првата натпреварувачка година со полн календар. На територијата на нашата земја ќе бидат организирани повеќе силни турнири, на кои што ќе видиме дел и од светскиот 3х3 крем.

Освен сениорската конкуренција, во 2018-та ќе биде застапена и јуниорската. Подготвена е и платформата за формирање на репрезентација на Македонија.

„Оваа година планираме да ја организираме првата македонска 3×3 лига, првиот Sattelite турнир и за првпат ќе организираме турнири за најмладите категории. Планот за оваа година е да се направи и националниот тим кој ќе не претставува на меѓународните турнири.

Сениорската лига ќе се состои од серија турнири, еден Sattelite турнир кој што е меѓународен, на кој што ќе учествуваат 8 македонски екипи и 8 екипи од регионот, воедно и неколку кадетски турнири кои што се во план за оваа година.“ – изјави за basketball.mk, претседателот на здружението „3х3 Баскетбалл“ и координатор за 3х3 баскет во МКФ, Драган Караџовски.

Од првиот турнир, одржан во Скопје, септември 2017.

Целта на здружението е да се анимираат сите поголеми градови во нашата земја, како што тоа беше случај на турнирот 2К17 што минатиот септември беше одржан во Скопје.

По урнекот на другите светски метрополи, нашата престолнина ќе биде домаќин на финалето на кое што ќе биде промовиран првиот шампион на Македонија.

„Сениорската лига ќе се организира во поголемите градови во Македонија, додека завршниот турнир на кој што ќе се одлучува за првиот 3х3 шампион во Македонија ќе биде во главниот град, се надеваме на градскиот плоштад. Satellite турнирот ќе биде одржан во Охрид. Кадетските турнири ќе се одржат на територијата на Град Скопје.

Во лигата ќе може да се пријавуваат и професиони кошаркари и рекреативци. 12-те екипи кои што ќе бидат најуспешни во текот на сезоната ќе се квалификуваат на завршниот турнир. Наскоро ќе ги објавиме пропозициите и правилниците на официјалните веб-страни на Здружението 3х3 Баскетбалл и на Македонската Кошаркарска Федерација.“ – рече Караџовски.

Од првиот турнир, одржан во Скопје.

Секој турнир ќе има награден фонд за прво, второ и трето место, кај завршниот турнир и Satellite турнирот наградите се поголеми.

Победникот на сателитот ќе добие слот за натпреварување за еден од големите Challenger турнир каде што наградите се над 10.000 долари, а и за понатаму, за продолжување на светската сцена.

„Имаме одлична соработка со Македонската Кошаркарска Федерација и со Агенцијата за Млади и спорт, кои што од почетокот го поддржаа нашиот проект.

Сега сме и дел од Федерацијата, како рамноправна членка и заедно со МКФ ќе ја организираме првата 3×3 лига во Македонија.“ – вели Караџовски.

Со пријателите од црногорското здружение, 3х3 Монтенегро.

Организацијата на еден турнир претпоставува формирање голема мрежа во која што има многу субјекти, кои што се потребни да се создаде сликата која што ги плени сите љубители на овој спорт.

„Не е лесно да се организира еден турнир, премногу луѓе се вклучени во овој проект. Почнувајки од луѓето од логистика кои што ни помагаат да ја наместиме целата опрема, обезбедување на одлични услови за играчите, безбедност, медицински персонал.

Луѓето задолжени за забавниот дел се водител, DJ, забавни групи кои што ја забавуваат публиката. Има задолжени за техниката, фотографи, камермани, луѓе за промоција на настанот. Буквално, од еден обичен празен простор, создаваме голема сцена каде што 2 дена има голема забава.“ – се зборовите на Караџовски.

Специјална Олимпијада на Македонија

Освен задолжителната програма, 3х3 турнирите нудат и малку поинаков пристап кон спортот.

„Во текот на турнирот имаме и ревијален дел каде што настапуваат нашите партнери од Специјалната Олимпијада на Македонија. Играчите ќе се натпреваруваат во шут за 3 поени и во натпревари во забивање.

За публиката има Step Curry Challenge шут од крајот на теренот, забивање за најмладите на специјализиран мал кош наменет за нив и уште многу други пропратни игри кои што ги подготвуваме за публиката. Секако, за победниците во секоја од овие игри следува награда.“ – продолжува Караџовски.

Од првиот турнир, во Скопје.

3х3 здруженијата од балканските простори се идејно поврзани и соработуваат на сите нивоа. Во оваа структура, полека се вклопува и нашето.

„Имаме голема соработка со здруженијата од регионот, на пример со една од најдобрите федерациии 3×3 Србија, потоа 3×3 Монтенегро. Иимаме соработка и со организаторите од Косово. Наскоро почнуваме и некои проекти заедно, кои што многу ќе придонесат за развојот на 3×3 кошарката на Балканот.

Првиот настан Скопје 2К17 помина одлично, позитивни критики добивме буквално од сите, а особено не радува што играчите го споредија со еден Challenger турнир.“ – вели Караџовски.

Од првиот турнир, во Скопје.

Со оглед на тоа дека овој спорт е „млад“ кај нас, нашите бодови на светската ранг листа се малку, а со тоа и моменталниот пласман ни е слаб.

„Рангирањето на федерацијата се прави според индивидуалниот ранкинг на играчите кои се официјално регистрирани на FIBA системот. Македонија моментално на федерациски ранкинг е на 86-та позиција во светот, а на 40-та во Европа.

Во регионот сме само пред Албанија. По оваа сезона, очекуваме голем скок на ранг листата на светската сцена.

3×3 е официјално Олимпски спорт од Летните Олимписки Игри во Токио 2020 година. Мислам дека е многу тешко да успееме да испратиме репрезентација во Јапонија, но во Париз 2024 очекуваме дека ќе се натпреваруваме во овој спорт.“ – изјави Караџовски, за basketball.mk.