ПОЧЕТНА Избор на уредникот 12 екипи, 12 желби, 12-то коло

12 екипи, 12 желби, 12-то коло

сподели

Првата фаза од регуларниот дел во македонското првенство заврши со, горе-долу, малку изненадувања. Пред стартот на вториот дел од натпреварувачката година, правиме пресек на постигнатото.

Најпријатното изненадување е епитет што може да го понесат многу екипи, но ќе му го доделиме на Работнички (1). Нашата најтрофејна екипа игра беспрекорно, славеше на сите 11 меча, формата е константна и што е најважно, нема помпа или чаталење, туку сето тоа се случува стихијно и стабилно.

Аплицирајте веднаш за

Поважна од споменатото, може да биде само победата во вечното дерби и тоа среде Аеродром, во бастионот на 6-кратниот македонски шампион.

Актуелниот владетел во македонската кошарка не успеа да се пронајде во првата половина од сезоната, но до крајот има да се игра уште бесконечно многу.

Ако се решаваа титулите во септември, или во декември, тогаш немаше да се игра до јуни. Во „Јане Сандански“ нема да седат мирни, туку и со последниот атом на силата ќе се обидат да ја задржат титулата, да го вратат Купот и да опстанат во АБА лигата.

Изненадување е слабата форма на металците, кои што сепак не го кажале последниот збор. Пролетта секогаш носи возбудувања, а тогаш очекуваме да се одмрзне заспаниот џин МЗТ Скопје (5).

Гостивар (4) и Блокотехна (2) се во пакетче, во она што толку долго го чекавме од кошаркарскиот Дедо Мраз. Гостиварци се споменати први во реченицата, само затоа што се од местото што роди шампион.

Конечно да се разбие сивилото на нашата кошарка, која што беше централизирана во главниот град. Конечно, да има за што да прошетаме на југ и на запад, по подолго време. Двата проекта се приватни, во Гостивар акционерски влезе и Перо Антиќ, а Блокотехна има услови за кошаркарско живеење на кои што може да им завидат и најголемите екипи.

Куманово (3) не отстапува од зацртаното, а тоа е врвот на македонската кошарка. Иако навидум со проблеми на стартот на сезоната, сепак рамнотежата се врати со вистинските потези на новото раководство.

Кумановци се разбудија и сфатија дека фрлените пари на половни странци не даваат резултат. За второ или за трето место во Македонија, не ти требаат милиони. Решија да ги разигруваат репрезентативците и не згрешија.

Можеби Куманово нема сили за титула, но и тоа колку има сили да им ги помати сметките на сите. А, можеби и има сила за пехарот, кој знае, тоа ќе го видиме на крајот, кој што секогаш го краси делото.

Фени (6) и Соколи (8) потонаа во финансиски проблеми, од кои што им посакуваме да испливаат многу брзо. Фабриката и општината Карпош престанаа да финансираат како што го правеа тоа претходните сезони и веднаш се почувствува отсуството на здрава основа.

Тоа би се почувствувало и во скоро сите останати екипи кај нас, да не се лажеме, можеби повеќе или помалку исто или различно, но би се почувствувало. Тоа е најголемата болка на нашата кошарка, момент на кој што треба да се концентрираат клубовите кои што планираат да постојат и да работат со позитивно салдо.

Арсен Венгер рецептот и не е толку лош.

Охрид (7) излезе на меѓународна сцена, се претстави како уште еден амбициозен проект, кој што сепак ја почувствува силата на второрангираните екипи на Балканот во АБА 2 лигата.

Виде колку е далеку и што треба да преземе, со цел да стане кошаркарски фактор во нашево опкружување. Не се важни поразите, нека се и со 100 разлика, важно е да се научи лекцијата која што е можеби тешка, но на сопствен грб, кога ќе научиш, не се заборава.

Кужув (9), Шкупи (10), Пелистер (11) и Струмица (12) се во моментов групата на отпишаните, кои што ќе се борат за опстанок во елитата. Сите 4 екипи покажуваат амбиции, но кој ќе преживее, ќе раскажува.

Годината 2018-та дојде, посакуваме да ни донесе многу нови возбудувања на кошаркарски план. Првото нека биде Куп викендот, кој што би требало да биде најава за интересна плеј-оф разврска.

Ова нека биде последното купче честитки и желби, да се фатиме за работа. Го чекаме 13-ти јануари, денот кога ќе продолжи нашето првенство.