ПОЧЕТНА А Репрезентација Џордан Теодор се враќа во кошарката

Џордан Теодор се враќа во кошарката

сподели

По пауза од повеќе од половина година, македонскиот репрезентативец е подготвен повторно да заигра.

Негова нова екипа е грчкиот прволигаш АЕК со кого потпиша договор до крајот на сезоната. Атинскиот тим е актуелен освојувач на титулата во ФИБА Лигата на шампионите, но се наоѓа на четвртото место во грчкото првенство по 11 одиграни кола.

Последен тим на Џордан Теодор беше италијанскиот Армани Милано со кого минатата сезона ја освои титулата во домашното првенство, но тој не учествуваше во финалната серија поради повреда. Долго време се обидуваше да најде нова екипа, беше поврзуван и со Будуќност за на крајот да се пресели во Грција.

Официјално, тој е македонски репрезентативец, но за нашиот национален тим запиша само четири настапи и не се прослави во претквалификациите за Светското првенство во 2019 година. Натпреварите се играа летото 2017 кога во групата со Косово и Естонија, нашата репрезентација го освои последното место.

Своите најубави денови во кариерата, 29-годишниот плејмејкер ги помина во Банвит под водство на Сашо Филиповски и Боби Митев со кои го освои Купот на Турција и второто место во Лигата на шампионите на ФИБА на чиј завршен турнир беше прогласен за МВП.