ПОЧЕТНА Избор на уредникот ЏЕДИ: Ја сакам Македонија, посакувам долга и плодна НБА кариера

ЏЕДИ: Ја сакам Македонија, посакувам долга и плодна НБА кариера

сподели
Џеди Осман е следниот турски репрезентативец, што ќе заплива во водите на НБА лигата.

Последните денови пред потпишувањето на договорот што ќе му ја смени кариерата, ги помина во Охрид. Не случајно, туку затоа што тоа е неговиот роден град, затоа што од тука почна неговата приказна.

Пред 22 години, се роди Џеди Осман, кој што потпиша договор со финалистот на НБА лигата, Кливленд Кавалирс. Наредниот период, ќе настапува заедно со најдоминантниот кошаркар на денешницата и во историјата, Леброн Џејмс.

Ексклузивна фотографија од потпишувањето на договорот меѓу Џеди Осман и Кливленд Кавалирс.

Сега е преку Океанот и ги доживува најанксиозните моменти за еден кошаркар, срцето сигурно забрзано му бие од возбуда. За впечатоците од Кливленд, за текот на кариерата, за одлуките во животот, Џеди зборува(ше) за basketball.mk.

Аплицирајте веднаш за

basketball.mk: Не е стереотипно, туку се наметнува само по себе, првото прашање кое што мора да гласи – свесен ли си за следниот чекор во твојата кариера, знаеш ли каде одиш и каде ќе играш?

„Многу сум свесен, но воедно можам да кажам дека сум и многу среќен, затоа што Кливленд го има најдобриот тим на светот.

Кавалирс се решија да ме откупат веднаш по драфтот токму мене, што ме прави дополнително возбуден.

Следната сезона ќе играм во Охајо и едвај чекам да почне сезоната, да играм со сите тие ѕвезди во нашата екипа.“

Џеди Осман во дресот на Анадолу Ефес.

basketball.mk: Сонот на секој кошаркар е да оди преку Атлантикот, да заигра во најсилната лига. Ова не ти е прво искуство против најдобрите кошаркари на светот. Го паметиш ли првиот контакт со нив?

„Прв пат се сретнав со НБА ѕвездите на СП во Шпанија 2014-та година. Во Билбао се соочивме со САД.

Имав шанса да играм против Кари, Харден и останатите, што ми беше првиот натпревар против светската елита, која што подоцна го одбрани златото освоено во Турција 2010-та година.

Тоа беше незаменливо чувство, да играш рамо до рамо со сите тие големи имиња уште тогаш, а да не зборувам какви кошаркари се денес.“

Џеди Осман во сениорскиот дрес на Турција.

basketball.mk: Кое е нивото на кошарка таму, во споредба со европската кошарка?

„Не може да се спореди, од ниту еден аспект. Тоа е потполно поинаква игра. Тука играме шах. Таму се е во брзината, се трча, се скока.

Но, јас сум научен да играм во тој стил и нема да ми биде проблем да се навикнам.“

Џеди Осман во дресот на Анадолу Ефес.

basketball.mk: Имаш 22 години, во моментов си во полна сила. Млад, полетен, сакаш да се докажуваш, животот е пред тебе. Дали се чувствуваш подготвен за ултимативниот предизвик за еден кошаркар?

„Да, секако. 2 години работев напорно, силно и токму за оваа цел. Ја искористив третата сезона од договорот со Ефес, која што според клаузулата ми беше отворена и веднаш се упатувам натаму, кон НБА лигата.

Мислам дека дадов се од себе да одиграм најдобро што знам за себе и за екипата (Анадолу), сега е време да покажам што знам и умеам против најдобрите.

Со нетрпение очекувам да истрчам на паркетите во САД, сакам да поминам 13-15 години таму. Мојата цел не е да се вратам веднаш, колку да се рече дека сум играл во НБА лигата. Сакам да оставам свој личен белег, во најсилното кошаркарско друштво на светот.“

Џеди Осман, гостин во програмата на CNN Turk.

basketball.mk: Очекуваш веднаш да влезеш во првиот состав на Кавалирс?

„Да. Веднаш. Сакам да играм, но прво треба да покажам што знам. Таму сите се ѕвезди, да се игра со Леброн, Кајри и Лав е исклучителна можност и јас ќе дадам се од себе да ја искористам таа шанса што ми се пружа, најдобро што знам и умеам.“

Ирвинг, Џејмс и Лав, новите соиграчи на Осман.

basketball.mk: Кога ќе тренираш против Леброн Џејмс, потоа се изгледа полесно. Се подготвуваш во Охрид, зошто доаѓаш тука, во овој град, а можеш да бираш да ги одработуваш подготовките меѓу две сезони каде што ќе посакаш?

„Јас сум роден во Охрид, во Македонија. Вечно ќе бидам поврзан со овој град и со оваа земја. Ја сакам Македонија, тука живее поголемиот дел од мојата фамилија.

Секогаш кога имам време доаѓам да ги видам роднините, тоа за мене е светост. Повеќе сум тука отколку кај фамилијата на мојата мајка во Србија, на пример.

Тука временските услови се одлични. Во вечерните часови е постудено, има одлични температури и може добро да се одработи еден тренинг, што е особено важно за трчањето. Охрид има прекрасни услови за тренинг за врвните спортисти.“

Џеди Осман во неформално издание.

basketball.mk: Македонија „плаче“ за тебе последните 4-5 години, кога ти почна да прераснуваш во кошаркарски бисер, а особено сега кога стана НБА играч. Урнек си за младите кошаркари, не само во Турција, туку и за оние што те познаваат, тука, во Македонија.

Можеше да бираш за која селекција ќе играш, со оглед на твоето потекло (турско, босанско и македонско). Турците беа најсериозни во идеите за развојот на твојата кариера, или има друга причина поради која што ја одбра Турција?

„Роден сум во Македонија, но тука живеев само 4 години. Потоа 9 години поминав во Босна и Херцеговина. Потоа се преселив во Турција. Роден сум тука, но ние сме Турци по потекло. Ние сме Македонци со турска крв, или како и да се нарекува тоа, без ненамерно да навредам некого.

Во Турција најмногу ми одговараа условите за работа и мислам дека не згрешив. Турција создава неверојатни услови за развој на младите кошаркари.

Јас сепак се чувствувам како Турчин и затоа ја одбрав Турција како моја матична репрезентација, што не значи дека не ги почитувам сите останати мои крвни врски. Тоа беше моја лична одлука.“

Почетоците на Џеди Осман во КК Босна.

basketball.mk: Како се одвиваше твојата кариера во Ефес? Почна да играш кошарка во младинските категории на КК Босна, а потоа во младинскиот погон во Анадолу. Во Истанбул играше Петар Наумоски. Едно потпрашање, се зборува ли за Пеце таму?

Воопшто не треба да го поставувате тоа прашање, одговорот треба да го знаете и пред да одговорам. Во Турција, за Пеце се зборува со полна уста. Тој е вистинска легенда во Ефес.

Секогаш се зборува за него, во позитивен контекст. Кога ни даваат примери, нам помладите, во школата на Ефес, секогаш се споменува Наумоски кој што бил одличен кошаркар и голем работник на тренинзите. А најважно од се, бил добра личност и добар карактер, тој е пример за успешен кошаркар.

Петар Наумоски се поздравува со еден млад навивач, непосредно пред церемонијата на повлекувањето на дресот на Анадолу Ефес со број 7.

basketball.mk: Дали чувствуваш дека во Ефес го достигна максимумот во моментов, дека имаше правилен развој на кариерата, дека тоа беше вистинската средина за тебе во досегашниот дел од кариерата?

„Да, секако. Од оваа перспектива, моја лична оценка е дека имав одлична кариера во Ефес. Тој клуб е мојот втор дом, ако може така да се изразам. Откако стигнавме во Истанбул, од 2007-та година, постојано беше се на високо ниво. Бев многу среќен таму, во школата и подоцна во првата екипа на Анадолу.“

Џеди Осман и неговиот брат, Џанер Осман.

basketball.mk: Ќе те распрашаме малку за Македонија, да „видиме“ колку Европа зборува за нашата кошарка. Се споменуваат ли нашите клубови во некаков контекст, каков било, позитивен или негативен?

Да бидам искрен, не слушам многу за македонските клубови или за македонската кошарка. Знам дека МЗТ Скопје и Карпош Соколи играа во АБА лигата. Знам за КК Куманово и за настапите во регионалните првенства и во домашниот шампионат.

Мојот брат Џанер играше во неколку македонски екипи и ми ја пренесуваше атмосферата од настаните во македонската кошарка. Сепак, не се зборува многу за македонските клубови по Европа.

Џеди Осман на клупата на Турција.

basketball.mk: А за Литванија 2011-та?

Е, тоа е друга приказна. Да, тогаш ги следев сите натпревари на ЕП 2011-та, што ги одигра Македонија. Тоа беше историја за Македонците, пласманот на 4-та позиција на тој континентален собир. Никој не очекуваше такво нешто, особено не се очекуваше победата против Литванија во 1/4 финалето.

Сите мислеа дека домаќинот лесно ќе ја совлада Македонија, но Македонија одигра фемоменално. Го гледав тој натпревар, ја бодрев Македонија на сите натпревари, навивав за Македонија и секогаш кога игра против други репрезентации, навивам за Македонија.

Џеди Осман беше европски шампион и МВП до 20 години (2014) и европски шампион до 18 години (2013) со Турција.

basketball.mk: Што очекуваш од првата сезона во Кливленд?

„Би сакал да го освојам прстенот уште во мојата прва сезона во НБА лигата. Би сакал да ја почнам НБА кариерата со титула. Во последните три финалиња, два пати победи Голден Стејт. Сега нам ни е редот, да ја вратиме титулата во витрините на Кавалирс.“

Интервјуто со Џеди Осман заврши со насмевка, со пријателска прегратка, со многу честитки и искрени желби од двете и за двете страни, за негова успешна кариера во НБА лигата и за наша успешна прва година од постоењето.

Basketball.mk секогаш ќе се труди да Ви ги доближи кошаркарските приказни, како што е оваа, од малку поинаков агол.

Со среќа, Џеди…