ПОЧЕТНА Избор на уредникот Ќе се руши славната сала во Градски парк, Општина Центар ќе гради...

Ќе се руши славната сала во Градски парк, Општина Центар ќе гради нова за Работнички

сподели

По половина век, најтрофејниот македонски кошаркарки клуб Работнички ќе добие нова сала ќе ги игра своите натпревари.

Тоа денеска го најави градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски преку социјалните мрежи. Новата сала ќе се гради на местото на постојната и ќе биде далеку пофункционална од сегашната сала која одамна почна да пропаѓа.

“Денеска ќе распишеме конкурс за идејно решение за „Повеќенаменска спортска сала во Градски Парк“. Оваа сала со капацитет од 3000 гледачи ќе биде новиот дом на најтрофејниот кошаркарски клуб Работнички и ќе се наоѓа на местото на сегашната сала и поширокото окружување.

Салата ќе биде проектирана како повеќенаменска, изградена по сите светски стандарди за овој тип градби. Во неа ќе се одржуваат тренинзи и натпревари за кошарка, ракомет, одбојка, мал фудбал, боречки вештини и тенис.

Салата ќе располага со амбуланта за итна помош, фитнес центар, помошна сала, клупски простории и кабинети по физичко, простории за масажа и физиотерапија, перална, како и прес центар, коментаторски кабини и соба за режија. Салата е предвидена да има три групации на соблекувални со тушеви и санитарии во склоп на соблекувалните.

За гледачите и посетителите ќе има фан шопови, гардероби, ресторан, кафетерија и игротека.

Во салата се предвидени и канцеларии за спортски федерации, просторија за ВИП гости, кацеларии за управа, архива и сала за состаноци.

Надземниот паркинг ќе овозможува паркирање на минумим три автобуси и еден камион, додека подземниот паркинг ќе биде со капацитет од 150 до 200 возила за потребите на спортистите.

Проектот ќе се реализира по пат на јавно-приватно парнерство, а идејното решение ќе се избере на конкурс, транспарентно како што досега практикуваше Општина Центар. Според најавениот интерес, се очекуваат голем број на идејни решенија кои ќе бидат јавно презентирани”, напиша Жерновски.

Рушењето на старата сала во Градски парк сигурно ќе предизвика многу емоции кај постарите навивачи на Работнички имајќи предвид дека овој клуб токму таму ги оствари своите најголеми успеси, а порано во неа се натпреваруваа и Одбојкарските клубови на Работнички во машка и женска конкуренција кои учествуваа и во европските купови. Од друга страна, славната сала одамна почна да го чувствува “забот на времето” и добро е што најтрофејниот кошаркарски клуб ќе добие дом каков што му доликува.