ПОЧЕТНА МЛАДИНСКА КОШАРКА ЈОВАНЧЕВ: Не се важни медалите, важно е да „извадиме“ млади играчи

ЈОВАНЧЕВ: Не се важни медалите, важно е да „извадиме“ млади играчи

сподели
КФСМ

Кадетската екипа на Вардар е нов државен шампион во својата конкуренција откако триумфираше на завршниот турнир што во текот на викендот се одржа во СЦ „Јане Сандански“.

Иако последните години често освојува трофеи, Вардар не беше меѓу фаворитите за трофејот, таа улога ја имаа МЗТ Скопје и Феникс, токму оние екипи кои „црвено-црните“ ги победија на патот кон титулата.

КФСМ

Сепак, не може да се каже дека конечниот епилог е изненадување ако се знае дека оваа генерација кошаркари е предводена од Александар Јованчев, тренерот кој минатото лето не израдува водејќи ја селекцијата М16 до третото место на Европското првенство Б-дивизија во Сараево со што обезбеди пласман во континенталната елита.

Во последните три сезони, ова е втора титула во оваа категорија за Јованчев, а лани го освои третото место.

КФСМ

„Оваа сезона за нас воопшто не беше лесна, се соочивме со низа проблеми од кои најголем беше фактот дека дури 4 играчи од стартната петорка имаа тешки повреди поради кои долго време беа надвор од тренажен процец.

Нашиот прв плејмејкер Марин Петков отсуствуваше 3 месеци во периодот од јануари до март, но влезе во натпреварувачки ритам и одигра речиси перфектно на Ф4 турнирот. Михаил Наумовски и Мети Тачи се вратија на теренот пред само 3 односно 2 недели. Дамјан Гацов отсуствувасе рециси 3 недели пред Ф4 поради проблем со колената.

И на крај, малкумина знаат, но МВП на финалето Павел Атанасов настапи со дисторзија на скочниот зглоб, заработена на ден пред Ф4.

Павел Атанасов – МВП на завршниот турнир (фото: КФСМ)

Навистина храбри момчиња. На сите тие проблеми остатокот од екипата покажа карактер, без речиси пола тим го помина четвртфиналниот дуел и без поголеми проблеми се квалификуваше на завршниот турнир.

Во финалниот натпревар игравме против екипа која доминираше во текот на сезоната. Добро ја скаутиравме, поставивме одбрана за која Феникс тешко наоѓаше решение, кај нив поентираа само тројца играчи што доволно зборува за ангажираноста, дисциплината и спроведувањето на договореното во одбраната од моите играчи.

Но, во оваа прилика морам да истакнам една друга работа. Без разлика на сите освоени медали и признанија не треба да заборавиме која е целта на нашата работа во младинските категории, а тоа е обука и едукација на играчите и нивен пренос од младинската во сениорската кошарка.

КФСМ

На овој Ф4 имаше неколку момчиња кои поседуваат, пред се, физички карактеристики да се занимаваат со овој спорт и се надевам дека ќе направат кариери во кошарката.

Сакам да им се заблагодарам на играчите, стручниот штаб и управата за поддршката и посветеноста. Во исто време, ја користам можноста да му честитам на РК Вардар за освоената титула во Лигата на шампионите.

Претседателот на клубот Владо Воиновски (седи) со Александар Јованчев, Жаклина Стојановски и Зоран Гапиќ и пехарите кои Вардар ги освои сезонава во машка и женска конкуренција

Ќе завршам со реченицата на сопственикот на нашиот клуб, Владимир Воиновски: Вардар бил, Вардар и ќе остане“, изјави Јованчев за basketball.mk.

Титулата на кадетскиот тим е прва за школата на „црвено-црните“ оваа сезона, а остануваат да се одиграат уште завршните турнири во М12 и М13. Во М14 Вардар го освои второто, а во М15 третото место. Кошаркарскиот клуб Вардар во женска конкуренција првпат во својата кратка историја ја освои титулата во домашното првенство и сезоната ја заврши со двојна круна.