ПОЧЕТНА АБА Штрковите почнаа да мафтаат озбилно?

Штрковите почнаа да мафтаат озбилно?

сподели
фото: МЗТ Скопје Аеродром / Петр Стојановски

Победа си е победа, од финалето на НБА лигата или Светското првенство, па се до маалските баскет партии. Секоја победа, ти дава за право да се чувствуваш убаво, позитивно и исполнето.

МЗТ Скопје има право да се чувствува победнички и да мисли дека е на вистинскиот пат, затоа што во Аеродром одигра спектакуларна партија во триумфот против Хелиос.

Да, ова е АБА2 лигата. Да, ова не е АБА лигата. Ниту пак е УЛЕБ меч, ниту пак е … Но, да, ова е триумф што ветува дека најавите ќе се исполнат. Металците, треба само да продолжат така како што почнаа.

Аплицирајте веднаш за

Петмина двоцифрени стрелци, подобар просек од противникот, повеќе скокови, асистенции, украдени топки и помалку загубени. Една четвртина во грч, а потоа лавина.

Шанса добија сите играчи, освен Младеновски, кој што имал температура. Играта на неговите, особено на најдобриот на овој воведен натпревар во новата јадранска сезона, не е изненадување за тренерот Кочов.

Бојиќ беше одличен и во нападот и во одбрсната (фото: МЗТ Скопје Аеродром / Петр Стојановски).

„Ако помислам дека Бојиќ ме изненадил, со неговите 22 поена (5 скока, 1 асистенција и 1 украдена топка, без загубена, со индекс 20 со што беше МВП на дуелот), тогаш ќе мора да кажам дека сум направил катастрофа затоа што барав да остане.

За вакви партии, од Андрија Бојиќ, потпишавме соработка, односно ја продолживме од минатата сезона.“ – рече стратегот на МЗТ.

Статистиката вели дека македонската екипа беше подобра во секој сегмент, од словенечката, а тоа го призна и тренерот на гостите.

„Видовме еден добро селектиран тим, во кој што владее организација на теренот. МЗТ Скопје е еден од најдобрите три клуба сезнава во АБА2 лигата и претендент за пласман, односно враќање во АБА1 лигата.

фото: МЗТ Скопје Аеродром / Петр Стојановски

Македонската кошарка ја познавам само преку АБА лигата, но од она што го видов на овој натпревар, имате одлична кошарка.“ – рече Јован Беадер.

Воопшто не го величаме овој успех на МЗТ Скопје, како да е освоен олимписки медал, туку се радуваме на победата и се надеваме дека она што беше ветено пред почетокот на првенството, односно натпреварувачката година, ќе се оствари.

„Не планираме да менуваме играчи и тренери на дневна база. Оформивме екипа за долги патеки, сакаме континуитет.

Имаме идеја и стратегија кои што сакаме да ги реализираме на подолг рок, а крајната цел е кревање на квалитетот на македонската кошарка.

Сите играчи кои што се наши и кои што играат на повисоко ниво, биле и ќе бидат исконтактирани, со цел да им дадеме акцент на нашите, а потоа и на квалитетните странци.“ – беше ставот на Тони Грнчаров, извршниот директор на МЗТ Скопје, изнесен на пресот пред овој натпревар со Хелиос.

Тоа е круцијалната разлика меѓу оној – АБА-прволигашкиот и овој, АБА-второлигашкиот МЗТ Скопје. Во идејата, стратегијата, платформата на постоење и на функционирање.

Во минатото се бараше брз резултат, до кој што не се дојде, иако се трошеа многу средства. Не се посветуваше време на македонските играчи, се немаше трпение за нашите деца. Сега, барем според утрото, денот би требало да тече поинаку.

МЗТ Скопје, некогаш…

Не оспоруваме или фаворизираме некоја стратегија, двата споменати приода имаат свои оправдани или неоправдани моменти и свои позитивности или негативности. Одлуката паѓа на моменталното раководство кое што си ја сноси одговорноста, а резултатот што ќе се постигне е непобитен печат на едно време.

Во овој воведен натпревар видовме само една болка, кај сино-белите од Аеродром. А тоа е одбраната. Видовме и добра офанзива, која што на овој меч излезе како победник, имаше многу постигнати, но од друга страна и многу примени поени.

„Ние сме напаѓачка екипа и така ќе им приоѓаме на сите натпревари. Сите играчи во нашиот ростер се шутери. Таква е нашата филозофија.

Имавме проблеми само во првиот период кој што беше воведен во сезоната и во последниот кога експериментирав со играчите.“ – рече тренерот Кочов.

фото: МЗТ Скопје Аеродром / Петр Стојановски

Што и да изберете како опција, ви посакуваме среќа. Овој триумф нека биде водилка кон нови успеси на МЗТ Скопје, негово враќање во АБА лигата и на победничките патеки во сите други натпреварувања.

Најмногу од се, не радува иницијалниот момент во приодот – производство на македонски играчи, кои што генерално ќе го кренат квалитетот на нашата кошарка. Продолжете така!