ПОЧЕТНА Во позадина Штип одбележа 85 години од првиот кошаркарски меч во Македонија

Штип одбележа 85 години од првиот кошаркарски меч во Македонија

сподели
фото: Штипски асови

Штип одбележа 85 години од првиот кошаркарски меч во историјата на Македонија. Убавиот јубилеј, на едно место ги донесе екипите на Работнички и Куманово, кои одиграа ревијален дуел.

„Штип го знам уште од моите почетоци во кошарката, затоа што и јас сум бил играч. Знам каков клуб имаше, уште од времето на Астибо. Можеби во последните години малку стагнира кошарката во Штип, меѓутоа се надевам дека после оваа манифестација, кошарката овде ќе се врати на здрави нозе, а се надевам и дека еден ден ќе има добар прволигаш.“ – вели Марин Докузовски, тренер на КК Работнички.

Марин Докузовски е едно од најпознатите кошаркарски имиња во Македонија. Актуелниот тренер на Работнички, беше селектор на најуспешниот настап на македонската кошаркарска репрезентација, кога на Европското првенство во Литванија во 2011-та го зазедовме четвртото место.

Но, и големите спортски успеси не го одвоија Докузовски од сеќавањата на своите кошаркарски пријатели, кога градот под Исарот имаше успешна кошарка.

„Уште од времето на Караколев паметам, кога играше за Штип, сум играл и со Вили Стојменов, на Марјан Ѓуров му бев тренер во Работнички. Сите тие се штипјани и не би можел да издвојам, секој има посебно место во својата генерација. Сте имале многу добри играчи.“ – вели Докузовски.

Аплицирајте веднаш за

Но, денес веќе не се игра кошарката од некогаш. Комерцијализацијата на спортот ги однесе локалните спортисти, онаму каде што се парите.

„Сепак треба и финансии за спортот, без финансии нема ништо. Но, мислам дека треба да се стави акцент на младите, зашто Штип е познат по талентите. Да се појави еден финансиер, вие веднаш можете да создадете клуб за во прва лига, меѓутоа мислам дека Штип има расадник на свои играчи, и треба само мала една инвестиција и да биде она што бил некогаш.“ – заклучи Докузовски.

Работнички го совлада Куманово со 95:82 во овој ревијален натпревар (фото: Штипски асови).

А можеби најголемата инвестиција во иднината на штипската кошарка би била инвестицијата во сеќавањето на кошаркарската историја, на првиот ден на македонската кошарка, во Штип на 27 август 1933 година, кога Тодор Кошевалиски го донесе првиот баскет (топка) во земјава.

Иницијативата за кревање на спомен обележје на мечот меѓу црните и црвените во дворот на училиштето „Ванчо Прке“, се очекува наскоро да добие своја реализација.

„Спомен обележјето се надеваме дека овие месец или два, ќе биде готов. Се знае локацијата кај основното училиште „Ванчо Прке“. Тоа ќе биде еден убав спомен на основоположникот и на другите соколари во Штип.“ – вели Тодор Рибарски, иницијатор за подигање на спомен обележје.

Она што е тажно е тоа што градот каде за прв пат бил постигнат првиот кошаркарски поен, денес нема кошаркарски клуб, кој ќе им парира на големите Работнички, Куманово или МЗТ.

Можеби сеќавањето на минатото, кога Штип бил извор на звучни имиња, но и на голем и силен кошаркарски клуб, Астибо, ќе го запали жарот кај спортските ентузијасти и одново ќе го воскресне фениксот на штипската кошарка, која повторно ќе разбуди морници кај оние кои ги паметат во боја црно-белите фотографии.

(преземено од televizijastar.com)