ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Шампионот на колена, МЗТ го освои Градски парк

Шампионот на колена, МЗТ го освои Градски парк

сподели

По речиси две години Работнички доживеа пораз на домашен терен во Првата македонска кошаркарска лига.

МЗТ Скопје се одмазди за неуспехот во првиот меѓусебен меч оваа сезона и во Градски парк славеше со 70:74. Сосема заслужено ако се знае дека водеше речиси во текот на цел натпревар, одигра одлична одбрана и ги искористи сите предности во однос на својот ривал.

Најголемата предност беа Предраг Самарџиски и Иве Иванов. Нашиот екс-репрезентативец одигра фантастично во првото, а хрватскиот репрезентативец во второто полувреме.

Првиот дел беше речиси израмнет иако МЗТ Скопје ја имаше контролата над резултатот. Гостите водеа со шест разлика (19:25), пред крајот на полувреме со 5 (32:37), а на полувреме заминаа со четири (35:39).

Клучен период беше стартот на третата четвртина во која МЗТ Скопје направи серија од 8:0 и дојде до највисоката предност од 12 разлика (37:49). Благодарение на тројките на Мираковски, Работнички се доближи на само два поена (51:53), но испушти неколку шанси да израмни или да дојде до предност.

Тоа го искористија кошаркарите на Ѓорѓи Кочов кои во последните две минути влегоа со +8 (61:69). Домаќините намали на четири поени негатива, но повторно не беа сконцентрирани во важните моменти кога МЗТ Скопје им даде неколку шанси и противникот ја однесе победата.

За вицешампионот најважно е тоа што е изразена со повеќе од два поена разлика, па во случај на идентичен број бодови на крајот од сезоната, ќе ја има предноста во конечниот пласман.

Иве Иванов беше најефикасен во редовите на МЗТ Скопје со 22 поена, но МВП епитетот оди кај Предраг Самарџиски кој постигна 16 поени и 16 скока иако само два поена и пет скока во второто полувреме.

Кај Работнички, Крстевски заврши со 16 поени и 7 скока, a ветеранот Мираковски постигна 18 поени од кои пет тројки.

Ако треба да се бара причина за поразот на Работнички, освен послабиот скок (35:46 за МЗТ Скопје), тоа е претераното инсистирање на тројки. Домашните шутнаа дури 41 удар од далечина, а погодија 12 од нив.