ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА ЧЕСТИТКА ЗА 2018: МЗТ Скопје и Работнички во АБА лигата следната сезона

ЧЕСТИТКА ЗА 2018: МЗТ Скопје и Работнички во АБА лигата следната сезона

сподели

Македонските вечни во пакет ќе настапуваат во регионалното натпреварување од натпреварувачката 2018/19, дознава basketball.mk.

Оваа информација не е официјално потврдена, но доаѓа од проверени извори, според кои што челниците на јадранската лига изјавиле дека проширувањето е неизбежно, а најизгледни кандидати од Македонија се актуелниот учесник МЗТ Скопје и најтрофејната македонска екипа, Работнички.

Според моменталната состојба на табелата и во нашата лига, Работнички е лидер, а екипата од Аеродром има огромни проблеми во пронаоѓањето на победничка форма. Сепак, првенството ќе се решава на пролет, а дотогаш очекуваме двете екипи да го постигнат максимумот од својот потенцијал и да ги вкрстат копјата во нова незаборавна пресметка, можеби во финалето.

Пред да си замине од клупата во „Јане Сандански“, тренерот Александар Тодоров изјави дека во наредните неколку години, за македонскиот престол ќе се борат само Работнички и МЗТ Скопје, како некогаш. Патот до АБА лигата е титулата дома, или вајлд-карта од АБА која што чини 150.000 евра (која што беше укината пред стартот на тековната сезона, но не се исклучува повторно да биде воведена).

Работнички и во минатото доби(вал) покана од АБА лигата, двапати беше најавувано дека договорот е постигнат, но македонскиот синоним за кошарката двапати се откажуваше во последен момент. Вториот пат (неофицијално) беше сезоната 2014-/15, кога од натпреварувањето се откажа Раднички, а на крајот местото го доби Металац.

Ќе потсетиме дека Работнички беше првата екипа од Македонија што доби покана за влез во АБА лигата, во 2007-та година. Договорот бил постигнат, но во последен момент, неколку часа пред ждрепката нашата најтрофејна екипа се повлече од се уште неразјаснети причини, што ги разбесни челниците на регионалната лига.

Без разлика на се што се случуваше во минатото, евидентно е дека АБА лигата не ги постигна потребното натпреварувачко ниво и очекуваниот интерес кај публиката. АБА лигата и Работнички, односно МЗТ Скопје и останатите екипи симболи за кошарката на овие простори, си требаат едни на други.