ПОЧЕТНА АБА Хероите од Аеродром не го издржаа Шишко

Хероите од Аеродром не го издржаа Шишко

сподели
Жан Марк Шишко одигра неверојатна последна четвртина (фото: Петр Стојановски)

МЗТ Скопје го претрпе првиот пораз на домашен терен оваа сезона во АБА 2 лигата. Тврдината „Јане Сандански“ ја освои лидерот во оваа конкуренција Приморска со триумфот од 77:78.

Тоа значи дека вторпат оваа сезона словенечката екипа го победи МЗТ Скопје со многу среќа откако на домашен терен надополни осум поени негатива во последната четвртина и триумфираше во продолжение.

Но, нашата екипа и на овој натпревар играше десеткувана, товарот падна на само петмина кошаркари, а уште тројца помагаа одвреме навреме. Медфорд и Младеновски воопшто не насапија, Соколов играше само три минути, Маслинко околу седум, а Симоновски речиси 12.

Дури и во такви услови, МЗТ Скопје беше конкурентен до крајот на натпреварот. По лошото прво полувреме, во третата четвртина направи пресврт, а во последната речиси постојано беше во водство.

Одлуката падна во последната минута кога Шишко ја проби одбраната на тимот од Аеродром и го постигна кошот за победа. За МЗТ Скопје останаа две секунди, Бојиќ доби цепелин од аут, но попречен од еден противнички играч, за малку не успеа да погоди. Стојановски погоди „од втора“, но времето веќе беше истечено.

МЗТ Скопје не најде лек за Жан Марк Шишко кој одигра неверојатна последна четвртина и е најзаслужен за победата на Приморска. Во тие 10 минути постигна 15 поени, вклучувајќи го кошот кој на словенечкиот состав му донесе победа.

Во редовите на македонскиот претставник во АБА 2, традиционално Бојиќ беше најдобар играч со 20 поени и 10 скока, Вудард додаде 19, а Иванов 17, но за истамнување е и ефектот на Магдевски од 8 поени, 7 скока и 7 асистенции.

Да не беа овие два несреќни пораза од Приморска, МЗТ Скопје веројатно во моментов ќе беше првопласиран на табелата во АБА 2. Но, има време за одмазда, се надеваме во финалето од ова натпреварување кое ќе одлучува кој ќе се пласира во повисок ранг.