ПОЧЕТНА АБА Хероите од Аеродром го освоија Сараево

Хероите од Аеродром го освоија Сараево

сподели
фото: КК Спарс

МЗТ Скопје со голема победа се враќа од БиХ каде го совлада Спарс во првиот полуфинален меч од плеј-офот во АБА 2.

Македонскиот вицешампион победи со 70:71 и на 24 март на домашен терен ќе има можност да обезбеди место во големото финале.

Кошот за победа го постигна Лестер Медфорд во последната секунда, но тоа беше само кулминација на спектакуларниот пресврт на нашиот тим во второто полувреме. Спарс по првите 20 минути водеше со 15 поени разлика, во последната четвртина имаше и +9, но МЗТ Скопје покажа карактер како ретко која македонска екипа и на крајот заслужено славеше.

Почетокот на натпреварот не ветуваше ништо добро за аеродромци кои немаа енергија во нападот и тешко успеваа да постигнат поени. По десет минути игра беше 19:9 за Спарс, а домаќинот изгледаше многу посигурен во сите аспекти.

Знаци на живот МЗТ Скопје почна да дава во вториот период кога полека почна да ја топи високата предност на босанскиот тим, а по тројката на Симоновски во 15-тата минута се доближи на 24:23.

Но, момците на Ѓорѓи Кочов тука застанаа, Спарс во следните пет минути направи 18:4 и на пауза замина со високи 15 разлика.

Но, и покрај тоа МЗТ Скопје продолжи да игра во свој стил, не се предаде и на крајот од третата четвртина веќе стигна на само три поени негатива. Својот карактер го потврди и во последните седум минути во кои влезе со 62:53.

Постигна девет поени по ред за израмнување, но повторно дозволи Спарс да направи шест разлика 68:62, потоа и 70:64. Симоновски со тројка и Бојиќ со два поена ја вратија драматиката, а по избрзаниот шут на Хасандиќ, Медфорд ја замолкна домашната публика и му донсе огромна победа на МЗТ Скопје.

Ова е трет триумф на нашиот тим во дуелите со Спарс оваа сезона, нема причина да не веруваме дека ќе слави и на домашен терен во следниот меч во кој сигурно ќе има голема помош од трибините.

Симоновски, Медфорд и Иванов постигнаа по 13 поени, Самарџиски додаде 12, но сите што се појавија на теренот заслужуваат честитки.