ПОЧЕТНА Европски лиги Хаос во грчката кошарка, Олимпијакос не излегува на мегдан со ПАО

Хаос во грчката кошарка, Олимпијакос не излегува на мегдан со ПАО

сподели

Кошаркарско дерби меѓу вечните ривали во грчкото првенство нема да има претстојниот викенд.

Олимпијакос ја оствари својата најава и потврди дека нема да игра против Панатинаикос на дуелот кој беше закажан за 17 март во 16 часот по средноевропско време во арената „Мир и пријателство“. Бидејќи тимот од Пиреја е домаќин, за натпреварот воопшто не се продаваат билети.

Причина за тоа е одлуката да бидат делегирани домашни судии за натпреварот иако Олимпијакос бараше дуелот да го водат странци, а во еден период се спомнуваа Кинези. Федерацијата им даде целосна поддршка на грчките арбитри кои, од своја страна, се заканија дека нема да судат други натпревари ако бидат понижени и навистина бидат донесени колеги од странство.

Сето тоа дојде по дербито кое се одигра на 13 февруари во ОАКА кога, незадоволни од судењето, кошаркарите и стручниот штаб на Олимпијакос го напуштија паркетот на полувреме. Панатинаикос службено го доби натпреварот со 20:0, а на Олимпијакос му беа одземени 6 бода поради што во моментов е на шестото место на табелата.

Поради одбивањето да го игра дуелот со ПАО, на Олимпијакос му се заканува уште потешка казна, можеби и исфрлање од националното првенство, како резултат на што „црвено-белите“ веќе почнаа да ги испитуваат можностите за играње во АБА лигата. Ако помине без суспензија, нејасно е дали Олимпијакос би играл против Панатинаикос во евентуалниот плеј-оф.