ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА (ФОТО) Нова епизода од чаирската сага: Херис и Тејлор му се извинија...

(ФОТО) Нова епизода од чаирската сага: Херис и Тејлор му се извинија на Шкупи

сподели

Американските кошаркари Тај Херис и Џозеф Тејлор им се извинија на КК Шкупи и на тренерот на тимот Енвер Мифтари, за своите коментари во босанските медиуми.

Двајцата добија суспензија пред новогодишните празници, поради недолично однесување и нарушување на атмосферата во тимот, по што без знаење на раководството заминле во Босна и Херцеговина, на проба во Слобода Тузла.

Сето тоа го направиле иако немале исписница од Шкупи, а меѓу другото, за босанските медиуми изнеле низа клевети на сметка на македонскиот прволигаш и неговото раководство.

Откако стана јасно дека нема никакви шанси Шкупи да попушти под притисоците и да им даде исписници што американските играчи сакаа на сила да ги издејствуваат, Херис и Тејлор одлучија да ја спуштат топката.

Тие лично испратија официјално извинување за своите постапки и побараа прошка, обидувајќи се на тој начин да искреираат поволна ситуација за евентуален предвремен раскин на соработката.

Раководството на македонскиот клуб го чека американскиот двоец, да пристигне многу брзо и да биде дел од претстојниот дуел против Пелистер во 13-то коло во нашата Прва лига.

По завршувањето на овој меч, витален за опстанокот во Првата лига на Македонија, најверојатно американските кошаркари ќе ги добијат исписниците.