ПОЧЕТНА Избор на уредникот ФЛЕШБЕК: Ја испуш(т)ивме ли златната генерација?

ФЛЕШБЕК: Ја испуш(т)ивме ли златната генерација?

сподели

Полуфиналето во Литванија е нашето најголемо кошаркарско достигнување. Тоа е факт кој што нема никој и никогаш да го побие. Освен ако не освоиме злато, како што тоа го направи Словенија. И за тоа има надеж, но ќе пишуваме малку подоцна, за една нова генерација што следува.

Имаме еден мал проблем, а тоа е нашиот континуитет. Долго време кај нас генерациски се префрла теоријата дека сме најдобри во младински категории, сите партал ги праиме, а кога ќе сме влезеле во сениорска конкуренција нешто ни се случувало, сме биле заситени.

Дамјан Стојановски (МЗТ) и Дарко Соколов (Соколи).

А, бе да, сигурно. Заситени од што? Заситен е оној што му е полн стомакот, а не оној на чии што витрини собираат прашина една или две плакети, неколку пофалници, нечиј дрес со избледени автограми и расипан тостер.

Аплицирајте веднаш за

Македонија имаше златна генерација, кошаркари родени 1986-1989. Таа наша генерација беше последна што во младинска конкуренција, на европското првенство за младинци до 20 години, од Б дивизија не врати во А дивизија, 2006-та година во Португалија.

Кирил Николовски (Соколи), Бојан Трајковски (МЗТ), Дарко Соколов (Соколи) и Дамјан Стојановски (МЗТ).

Таму го имавме најдобриот скокач, кој што беше и во топ 5 според постигнати поени, Предраг Самарџиски. На првенството. Таму го имаве Костоски, кој што беше во топ 5 додавачите на првенството. Да, на првенството.

Таму не играше повредениот Бојан Трајковски, со кого СИГУРНО ќе ја совладавме Грузија во финалето и ќе бевме први, иако и финалистот поминуваше (денес и третопласираниот национален тим) еден степен погоре, односно најгоре, во најдобрата (А) конкуренција.

Тогаш, во тој состав беше и Дарко Соколов. Таму играа браќата Стојановски, Војдан и Дамјан. Таму играше и Кирил Николовски. Јован Марковски, Александар Штерјов, Никола Караколев, Марјан Јанески, Конзулов кој што се откажа од кошарка, Стојчевски…

FIBA U20 2006 B division

Една година подоцна, во А дивизијата, им се приклучија Марко Симоновски, Бојан Крстевски, Бранко Јанески, Дејан Неделковски и Александар Стефановски. Повеќето од овие имиња, за денешните читатели се непознати.

FIBA U20 2006 B division

Екипата беше предводена од Марјан Лазовски, кој што премина во женската кошарка. Тоа беше страшна офанзивна екипа, која што одлично скокаше и додаваше меѓу себе, дефанзивата не им беше во мислите на тие млади жолти момчиња, кои што беа гледани со восхит од сите на трибините. Само не кај нас и од нашите, од оние што требаше да ги гледаат…

Костоски, браќата Стојановски и Стефановски на ЕП 2006 во Б дивизија и на ЕП 2007 во А дивизија (ФИБА).

Потценети во клубовите и заборавени од федерацијата, тие млади македонски таленти, денес играат тука и таму, кој каде ќе се снајде, за цркавица и за да се рече дека играат. Се разбира, со неколку исклучоци.

Но, една ластовичка не ја прави пролетта, па ни две, па ни три… Јатото е знакот дека сонцето доаѓа. А нашето, барем генерациското сонце на оваа генерација за која што зборуваме, зајде таму, во Португалија и никогаш повеќе не ги огреа.

FIBA U20 2006 B division (финале)

Беа потенцијал постојано да играат на континенталните собири, не само да играат туку и да се надигруваат. А денес, во годините што се нивни, кога имаат по 30-тина години, кога треба да бидат во зенитот на кариерите, тие се мачат во претквалификации за ЕП и СП. Не се ни мачат, затоа што поголемиот број не ни играат во репрезентацијата.

И селекторската е слична приказна, изгоре човекот во желбата да помогне, да одработи, да покаже дека и нашето вреди. А не знаеше дека покрива туѓи непресметки. Не беше тоа кариерата што му ја предвидувавме и што посакувавме да ја има. Добриот гори секогаш, тоа треба да го знаеме!

ФИБА – Марјан Лазовски (асистент, лево) и Јовица Арсиќ (селектор, десно).

Таа генерација требаше да биде мост меѓу онаа на Перо Антиќ и Ѓорѓи Чековски и Владо Илиевски, која што е комбинирана од повеќе возрасти, до онаа што следува за која што ќе пишуваме малку подоцна, која што ќе ни ги врати насмевките и крвта во вените. Барем посакуваме да биде така, ако не ни се повтори историјата.

МИА

Тоа што било, не се враќа. Тоа што ќе биде, никој не знае кога и дали ќе биде. Штета е што оваа генерација, што постои, што требаше да биде македонскиот Бормио, ја нема, згасна, се растури. Гори по неко жарче, но тоа не е тоа…

Сакате да го барате виновникот за моменталната пропаст на македонската кошарка? Сите се виновни, од првиот со последниот татко на нашата кошарка, секој на свој начин. Кој помалку, кој повеќе, треба да оставиме времето да покаже. Но, повелете, нека Ви послужат и овие редови како ориентир.

Лесно е да се куди, да се плука, да се изиграва шмекер и шминкер на ФБ. Тешко е да се знае, да се согледа, да се анализира, да се извлече поука… Затоа не не бива… Затоа…

(НАПОМЕНА: На сите фотографии што се позајмени од други извори е наведен сопственикот, во текстот е користен сленг.)