ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Фени не ја дава „четворката“

Фени не ја дава „четворката“

сподели

Трета победа во четвртиот натпревар од пролетниот дел на сезоната за поранешниот шампион на Македонија.

Без проблеми ги помина последните три екипи на табелата, а загуби само од Блокотехна на која скапо и ја продаде кожата. Последен во низата, пред серијата тешки натпревари во првенството беше Вардар кого го победи со 70:80.

„Црвено-црните“ којзнае кој пат оваа сезона покажаа дека поседуваат квалитет и талент, но им недостасува нешто за да ги изненадат најдобрите. За малку не го победија Куманово, потоа Гостивар, сега и Фени.

Гостите првпат резултатски се одлепија кон средината на втората четвртина кога поведоа со 22:30. Клучниот период беа последните две минути од полувремето во кои Фени отиде на 30:44 и целосно го деморализира противникот.

Речиси цело второ полувреме Фени имаше убедлива предност, се до 90 секунди пред крајот кога Вардар се доближи на само -7 (68:75). Сепак, немаше доволно време за пресврт, а кавадарчани си заминаа дома со двоцифрена победа.

Македонското трио Пајиќ-Марковски-Петровски го предводеше Фени до победата. Пајиќ беше најефикасен со 19 поени, Марковски додаде 17, а Петровски покрај 12-те поени, додаде уште 13 асистенции.

Во тимот на Вардар, Радош заврши со 17 поени, а двоцифрени беа уште Атанасов и Темелковски.

По оваа победа, Фени остана на четвртата позиција во пресрет на дербито против Гостивар на домашен терен.