ПОЧЕТНА Некатегоризирана Уште теоријата остана со МЗТ Скопје

Уште теоријата остана со МЗТ Скопје

сподели
Последен во низата порази на МЗТ беше кај Мега, што може да се покаже решавачки за опстанокот.

Македонскиот шампион доживеа убедлив пораз во дуелот со директниот ривал за опстанок Мега Бемакс и на четири кола пред крајот остана само со теоретски шанси за избегнување на последното место. Српскиот тим славеше со 106:77 и сега има три победи повеќе од МЗТ Скопје исто како Олимпија и Цибона.

Мега го одигра можеби најдобриот натпревар во АБА лигата оваа сезона. Кошаркарите на Дејан Милојевиќ погодија фантастични 66,7% за два поена, 46,4% за три и 58,2% вкупно од поле. Постигнаа 13 тројки, ја добија битката под кошевите и заслужено стигнаа до победата.

Триумфираа благодарение на одличната игра во првото полувреме во кое постигнаа 60 поени, а пред паузата имаа огромни 35 разлика (58:23).

Најдобриот период МЗТ Скопје го имаше во финишот од третата четвртина кога постигна девет поени во низа, но тогаш веќе беше јасно дека Мега Бемакс ќе ги освои бодовите.

Чанчар со 22 поена беше најефикасен во тимот на Мега, а Лалиќ со 14 го предводеше МЗТ Скопје.

До крајот на сезоната во АБА лигата, македонскиот шампион игра со Олимпија и Цедевита на домашен и Будуќност и Морнар на гостински терен. Потребни се сите четири победи, но дури и во такви услови, се зависи од Мега и Олимпија на кои им треба по еден триумф за опстанок.