ПОЧЕТНА Избор на уредникот Утре е голем ден за сите кошаркарски (не)верници

Утре е голем ден за сите кошаркарски (не)верници

сподели

Љубителите на македонската кошарка немаат многу денови што може да ги наречат свои, што може да ги сметаат за празник на нашата кошарка. Еден и единствен таков голем ден, е денот кога се игра вечното дерби. Што ќе рече едвај имаме 5-6 дена, до 7-8 максимум, за славење, во една натпреварувачка година.

Ова вечно дерби ќе биде голем испит за сите т.н. сакачи на овој (наш) прекрасен спорт. Од повеќе причини, од кои што некои се природно наметнати, а некои се наметнати со моменталната ситуација.

Ќе биде испит затоа што во 21-от век, кога средствата за комуницирање се доведени до совршенство какво што не може да замислиме, кога секој може да направи се што ќе посака, нам ни се шитка приказна за некакви си услови поради кои што нема да го има НАЈГОЛЕМИОТ КОШАРКАРСКИ НАТРЕВАР на ТВ, што во моментов, од друга страна, онаа правата, е можеби и подобро.

Кога ни чадат главите од политика и од квазиполитика во сите сфери, еве мотив плус да се оди во сала. Онаа иста сала што зјае празна, на истото место каде што падна најтрофејниот европски тим. Онаа иста сала, што требаше да биде преполна на секој натпревар на МЗТ Скопје. Еве им шанса на сите, да видат на дело што е најдобро, во моментов, во македонската кошарка.

Наместо да ве трујат самопрогласените кошаркарски зналци дека еден играч дал 25 кошеви, вие ќе си видите на лице место колку тој поени постигнал. Наместо истите да ја испревртуваат кошаркарската терминологија која што не ја познаваат и никогаш нема да ја научат, да ви кажуваат дека некој играч има 4 прекршоци, вие ќе си видите колку лични ГРЕШКИ има тој.

Наместо да се буните и да се прашувате кој е кој, а што е што, кога ќе чуете висок-низок-низок-висок-низок-низок-висок-низок, наместо кратко и јасно терминолошки однапред од создавачите на кошарката определено како мисмеч (missmatch) – идентично како што во фудбалот корнер е корнер (corner), аут е аут (out), гол е гол (goal) и слично – ќе си видите сами кога и како акцијата во напад ќе биде наместена според посакувано сценарио со предност за екипата што напаѓа…

И ред други нешта, што ќе ги посведочите во живо. Сам коа ќе види чоек, нишо не може после тоа да го труе. Ама треба претходно да знае што гледа. 😉

Ваквите натпревари, кога ќе размисли човек подобро, можеби треба и да се забрани, да се даваат на ТВ. Можеби така сите оние, на кои што овој дуел треба да им биде семинар, ќе дојдат на трибина, а со тоа ќе повлечат и се друго што е кошаркарско во земјава. Ќе дојдат поранешни претседатели, сегашни функционери, спонзори, државници, тренери, бивши играчи, млади кошаркари и кошаркарки, од двата пола и од сите возрасти.

Само чинителите на кошарката кои што гравитираат во главниот град, да се соберат, ќе ја наполнат салата. Проблем ќе биде за оние што не се од Скопје, но за се има решение, само ако некој САКА да го направи овој ден кошаркарски празник, во вистинска смисла на зборот. Да, треба да го има на ТВ за да може да го следат сите, особено оние што се спречени да дојдат на лице место, констатацијата дека треба да се забрани, беше со преносно значење.

Ќе биде испит, овој ден, понеделник, за двете екипи. МЗТ Скопје и Работнички треба да покажат и да докажат дека се најдобрите две екипи во македонската кошарка, особено во овој лош период за нив. Домаќинот имаше серија порази, многу натпревари во краток рок, а гостите имаат негативна серија по победата (во вечното дерби) и освојувањето на Купот во Гевгелија.

На тој еден натпревар, ќе ги видите најдобрите македонски играчи, најдобрите странски играчи, најдобрите тренери, најдобрите масери, најдолгите клупи, најблескавите униформи, а воедно и скоро сите титули во македонската кошарка, собрани на едно купче. Затоа треба и вреди да се биде присутен.

Сите оние што ќе помислат дека се над моменталната вредност на МЗТ Скопје и Работнички, всушност се плукаат самите себеси – „Ај бе ја на сателитска глеам НБА и Евролига, со странски реклами и на туѓ јазик, ќе идам сеа оние нашине ќе ги глеам…“.

Сите оние што не сакаат да дојдат затоа што ова било овака, а она онака, се лажат себеси. Ако сакаме да ни оди кошарката напред, треба да ги полниме салите. За себе, за оние на теренот и за оние што доаѓаат.

А, ако не ви се иде у СЦ Јане Сандански, најмодерната и најубавата сала за спорт во Македонија, каде ќе ви се иде? Абе, 100-че за некакво кафе растворено со вода не ни е многу, а за билет за натпревар ни е многу? До коа сакаме гага да идеме сегде? Како ќе пркнат клубовиве? Епа сеа… тоа е…

фото: mztskopjeaerodrom.mk

Иначе, не се секирајте и тука ќе ве видат, само додека сликате селфи пазете да не ви се укочат усните. Ќе има по некој блесав медиум што ќе ја пренесе атмосферата, не се секирајте…

Ајде, утре, СИТЕ НА ДЕРБИ!

***

НАПОМЕНА: Во текстот се користени архивски фотки, жаргон и сленг, а секоја поврзаност на напишаните редови, со некаква реалност, е не-лична, случајна, ненамерна и со преносно значење.