ПОЧЕТНА Избор на уредникот Умира ли љубовта меѓу МЗТ и АБА?

Умира ли љубовта меѓу МЗТ и АБА?

сподели

Македонскиот шампион има само имагинарни шанси, да опстане во регионалната кошаркарска лига, на крајот на сезоната.

Има уште 4 кола, во кои што металците (3/15) влегуваат со 3 победи помалку од претпоследната екипа на табелата, Петрол Олимпија (11. позиција) која што има идентичен скор (6/12) со Цибона (10. позиција) и со Мега Бемакс (9. позиција).

Во овие три екипи, нашата може да ја бара сламката на спасот – тие да забележат негативен резултат што ќе му одговара на МЗТ Скопје, а шампионот на Македонија да оствари позитивен резултат во последните 4 рунди.

Аплицирајте веднаш за

Кој со кого игра не е ни важно, затоа што ова е лига во која што секој може да победи секого, во секое време и на секој терен.

МЗТ може да опстане и на сметка на Игокеа и покрај тоа што има 4 победи помалку, затоа што има подобра кош разлика во меѓусебните дуели сезонава, со повеќе поени на гостински терен (98:107 во Александровац, 68:77 во Скопје).

Последен во низата порази на МЗТ беше кај Мега, што може да се покаже решавачки за опстанокот.

Теоретски се е можно, но дали и практично е изводливо?

Ако не успее да обезбеди опстанок, МЗТ нема право да настапува во првата АБА лига наредната сезона дури и да го освои домашното првенство, каде што во моментов се наоѓа на третата позиција со три победи помалку од лидерот Работнички и една победа помалку од Блокотехна пред меѓусебното соочување во Гевгелија.

Според пропозициите, по формирањето на втората АБА лига (каде што игра АВ Охрид), последнопласираната екипа од првата ќе оди во втората, а шампионот на втората ќе се пласира во првата АБА лига.

МЗТ ја игра најлошата јадранска сезона, од приклучувањето во ова натпреварување (фото: КК МЗТ Скопје Аеродром / Драган Митрески).

Македонија има едно загарантирано место, а тоа (најверојатно) му припаѓа на шампионот, ако на крајот на сезоната не се смени нешто во пропозициите на АБА лигата.

Пред почетокот на тековната сезона, „одборот“ на АБА реши МЗТ Скопје како еден од основачите да има загарантирано место сезонава, на сметка на шампионот што можеше да биде и финалистот Карпош Соколи, по што следеа бурните реакции на претседателот на оваа екипа.

На 23 мај 2017-та АБА лигата реши, како што беше наведено, да ги заштити интересите на своите основачи и да им дозволи загарантирано учество во сезоната 2017/18 затоа што лигата се уште не е призната од националните федерации и од ФИБА, а воедно беа укинати двете вајлд-карти и лигата беше скратена од 14, на 12 учесници.

МЗТ Скопје владее во нашата кошарка последните 6 години и константно учествува во АБА лигата.

Тоа променливо расположение на челниците на регионалното друштво, може да биде главната потпора за аеродромците.

Најголемиот адут на МЗТ Скопје е верноста што оваа екипа ја има кон АБА последниве 6 години. Ќе потсетиме и дека МЗТ плаќаше 150.000 евра вајлд-карта во секоја од првите три сезони, со цел да се биде дел од оваа приватна лига.

Воведниот пораз од Карпош Соколи, во првото коло во домашното првенство, како да ја најави катастрофалната резултатска ситуација во која што моментално се наоѓа 6-кратниот македонски шампион.

Basketball.mk на стартот на годинава, неофицијално дозна и објави дека е многу веројатно повторно проширување на лигата.

Можно е да ги видиме двете наши скопски екипи во АБА следната сезона, но што е сигурно ќе знаеме дури кога ќе заврши оваа, односно кога ќе почне наредната натпреварувачка година.

Со Работнички – клуб што во 5 до 12 ја извиси Јадранската лига и не стана првиот македонски учесник во регионалното натпреварување, со МЗТ Скопје – екипа што сега игра очајно, но многу лесно може да експлодира во финишот на сезоната, но и со АБА лигата – друштво што секоја година има нови идеи, едноставно никогаш не се знае.