ПОЧЕТНА Избор на уредникот Трилемата што и посака добредојде на новата гарнитура е сериозна, а нејзините...

Трилемата што и посака добредојде на новата гарнитура е сериозна, а нејзините потези ќе бидат есенцијални

сподели
Како ќе му објасниш на дете од 14 години, дека загубило натпревар и титула со фалсификат? Ако ова помине несанкционирано, што ќе прави тоа дете во иднина, како ќе делува? Мислите дека Германците се многу паметни, културни, прецизни и педантни, или казните таму се огромни и важат за сите, без исклучоци? (mkf.mk)

Новото раководство на КФСМ не издржа ниту една недела на позиција, без да добие сериозна задача уште на стартот на мандатот. Проблемот е повеќе од битен, решенијата што ќе бидат донесени се клучни за понатамошниот тек на нашата кошарка воопшто, не само за функционирањето на Федерацијата во ваков состав.

НАПАД на судија по завршување на младински турнир, организиран НАПАД на претставници од една екипа на претставник од друга, ФАЛСИФИКУВАНИ ДОКУМЕНТИ на финален турнир – се трите проблеми што изникнаа како чиреви што болат до душата, а се наоѓаат на грбот каде што не може да се допрат. Имиња не споменуваме, не само затоа што актерите и виновниците не заслужуваат да добијат на популаризација, туку затоа што ова треба да се искорени и да не се повторува веќе никогаш.

Интернационалните судии дојдоа да полагаат за интернационален ФИБА знак, а на пат кон дома, сигурно се прашуваа – Каде бевме, што ли се случи?

Каква порака ќе пренесат интернационалните судии што го видоа нападот на колегата по завршувањето на турнирот? Каква порака ќе добијат оние што беа организирано нападнати од колега играч и од тренер? Каква порака им се испраќа на деца што не се ни постари (повозрасни) малолетници (16 години), а некој ги учи на КРИМИНАЛ со документи, па уште тие исти деца испраќаат (Msg) пораки дека тој што губел имал право да се лути?

Сето ова е извитоперување и злоупотреба на реалноста, што НЕ СМЕЕ ВЕЌЕ НИКОГАШ да ни се случи, особено не во младинските катогории каде што се создава нашата кошаркарска иднина. Во сениорски категории и да се случи, имаш кого и како да казниш, да санкционираш. А тука? Кого ќе казниш? Кој ќе понесе одговорност? Како ќе му кажеш на детето што гледа што прават повозрасните, што му се (нај)блиски, дека тоа не треба да се прави?

Ова е голем, огромен испит за Администрацијата на Перо Антиќ! Новиот претседател на КФСМ е угледна личност во меѓународни рамки и не би требало да дозволи да му се валкаат ниту реномето, ниту името. Ако тој не ја среди оваа ситуација во нашата кошарка, по него веќе немаме кој да го стори тоа. Тој, во моментов, е највисоката инстанца, а во негово име треба да делуваат сите што се под него и поставени на функции, од секретари, до комесари, преку другите позиции во Федерацијата.

Сите заедно сносите одговорност, тоа мора да го знаете. Сигурни сме дека Антиќ седна на столчето со најчесни намери и (ќе) има огромна поддршка од новиот Управен одбор што треба да биде поставен, каде што членови ќе бидат исто така угледни бизнисмени и успешни луѓе, кои што исто така не сакаат да си ги трошат џокерите пред јавноста со БАНАЛНИ НЕАНДЕРТАЛСКИ И КРИМИНАЛНИ нешта, што се случуваат во 21 век!

Во Градски парк, на финалниот М18 турнир имаше повеќе публика на еден меч, отколку на сите мечеви на некои сениорски екипи во текот на целата сезона. Оваа фраза ја користиме често, но приликата е како родена за тоа. Како ќе привлекуваме публика? Со фалсификати и со напади?

Треба да се пронајдат виновниците, треба остро и максимално, но во согласност со позитивните правни норми и акти на Федерацијата, да бидат санкционирани за да ги заболи стопати повеќе од она што им го направија на другите. Тоа со цел никогаш да не им ТЕКНЕ да се повтори, а на другите што ќе ПОМИСЛАТ да сторат вакво или слично нешто, уште пред да ја земат стомната и да тргнат по вода да знаат што ги чека ако ја скршат! Тоа е единствениот пат по кој што треба да оди оваа нова гарнитура, нема друг!

Basketball.mk секогаш ќе биде тука, на страната на вистината. Никогаш нема да шпекулираме, само ќе пренесуваме. Ниту пак ќе наведуваме некого да мисли на некој начин, ниту пак ќе обвинуваме некого за нешто. Секогаш ќе стоиме зад идеите за развој на нашата кошарка. Да не биде протолкувана погрешно оваа колумна – ние не напаѓаме никого, затоа што секој има право да делува како што мисли дека треба. Но, (ќе) си ја браниме кошарката, затоа што таа е се што имаме, ние верните и чесни љубители на оваа прекрасна игра, кралица на спортовите!