ПОЧЕТНА Избор на уредникот Тодоров е маѓионичарот, Дамјан е зајакот од шеширот

Тодоров е маѓионичарот, Дамјан е зајакот од шеширот

сподели

Македонскиот кошаркарски шампион, со победа ја почна новата балканска, јадранска, АБА или како веќе и да се вика, авантура. Во Скопје, падна Партизан.

Каков е составот на црно-белите, таков е. Тоа е Партизан, најтрофејната екипа на овие простори и секој триумф против овој клуб, односно против секој клуб од „српската школа“, мора да се почитува.

Аплицирајте веднаш за

Иако почна во грч, како што одминуваше мечот, тимот од Аеродром се опушташе, а на крајот се одврза и го распосла сиот свој потенцијал по паркетот во СЦ Јане Сандански.

Можеби е ова само една искра, можеби само момент на инспирација, можеби тоа беше само среќна победа.

А, можеби е плод на некаква систематизирана работа, на некаква претходна идеја што сега е реализирана, на квалитетот на една екипа што демонстрира и квалитет и професионализам.

Што е точно од овие две тврдења, ќе видиме многу брзо. Мудри сме ние, нели…

Креаторот на оваа екипа на МЗТ Скопје, исто како и на првата што ја освои титулата во македонското првенство, а потоа заплива во Јадранот, е Александар Тодоров. Тивок и работлив, упорен во замислите и умерен во јавноста.

Тодоров успеа да го собере најдоброто од македонската понуда во моментов, а згора на тоа има и одлични конекции преку Океанот, од каде што повторно донесе благодарни и вредни играчи кои што не глумат ѕвезди.

Сите негови играчи, барем на првиот натпревар, дадоа се од себе во секој момент поминат во игра.

Го прашавме како ги вклопи сите коцки на вистинското место, преку примерот на Бојан Трајковски, кој што има неоспорни и вонсериски квалитети, но многу често знае „да ја истури кофата со млеко“ (од поговорката или приказната со кравата, како сакате) и на почетокот постоеше страв дали ќе биде прифатен од публиката како играч на МЗТ Скопје.

„Сите мои играчи, се играчи на МЗТ Скопје. Бојан Трајковски шутна многу пати на мечот со Партизан, но од 11 негови удари, 10 беа отворени и чисти. Тоа е неговиот стил на игра.

Има две работи што се важни кога зборуваме за Трајковски, а тоа е да упатува чисти шутеви и секогаш кога ќе има можност, без разлика дали е сам, да го искористиме моментот кога тој ја прави разликата во некоја ситуација.

Бојан игра(ше) многу поразлично, од претходните мечеви во подготвителниот период и тоа не прави квалитетна екипа.

Тој е 5-ка што добро се отвора и добро шутира, може 20 пати да остане сам, но не е поентата да шутне 20 пати, туку да размислува како најлесно да дојдеме до поени, што всушност и правеше на мечот со Партизан.

Бојан Трајковски е добар играч и без мене, и без слободата што јас му ја давам.“ – заклучи Александар Тодоров.

Од другата страна, следуваше вистинскиот одговор, вистинската реакција што оваа екипа на МЗТ Скопје, составена од повеќе македонски имиња, ја заслужува.

Од длабочината на најдлабокото дно каде што беше последната година додека се опоравуваше од тешката повреда на коленото, изнурна Дамјан Стојановски.

Во клучните сегменти од натпреварот со Партизан, ја презеде одговорноста и со два НБА проектила за три поени, со многу беспоштедни моменти кои што мора да послужат како пример за неговите соиграчи, со „кохонес“ потези во рекетот каде што е најгусто, го маркираше патот по кој што треба да се движи 6-кратниот првак на Македонија.

Не е важно кој е на другата страна, најважно е ние да ја играме нашата игра. Резултатите доаѓаат сами по себе. Партизан промаши многу отворени шутеви на мечот во Аеродром.

Многу топки едноставно излегоа од обрачот на МЗТ, кога сите ги видовме низ мрежичката. Тоа може да се случи само кога ќе падне жртва, кога ќе се леат пот, солзи и крв на теренот.

Само тогаш, Оној гледа и враќа.

Следната станица е Блеград, престолнината на АБА кошарката. Територијата што треба да се освои е огромна, колку што беше поранешната голема држава.

До крајот на сезоната, од оваа перспектива, има уште „безброј“ натпревари на кои што македонскиот првак треба да созрева и да се надоградува.

Нема да бидеме скромни. Доста ни е од скромност.

Или, ќе бидеме скромни, но во исто време и дрски. Ќе ги почитуваме сите останати, но ќе кажеме дека знаеме колку вредиме и ќе кажеме дека оваа сезона, во оваа АБА лига, сакаме најмалку плеј-оф!!!